Манастирот Св. Јован Бигорски претставува еден од најпривлечните и најавтентичните споменици на културата од нашето дамнешно минато. Вештите неимари од Река, во ѕвездените мигови на надахнување, го издигнувале во најсвеченото руво на старата народна македонска архитектура. Со неизмерно раскошните и нескротливи убавини Бигорскиот манастир го пленувал и погледот и душата на патникот или намерникот што таму ќе  наидел. Севкупниот комплекс на Бигорскиот манастир, во вид е на еден специфичен архитектонски модел, каков што единствено може да се сретне во архаичниот корпус на некој од сегашните светогорски манастири. Централно место во сакралната типографија на секој манастир зазема црквата, што се наоѓа во неговото духовно и физичко средиште. Нашето внимание усмерено е само на еден лик од фрескоживописот во машката трпезарија, што во науката се нарекува “втора црква”. Односно на идентификација на ликот на дебарскиот архиепископ Григорие, кој за жал изгоре во големиот пожар на манастирот што се случи на  30 септември 2009 година.

Само црквата остана незапалена. За чудо нешто сосема идентично се случило и со нашиот охридски манастир Св.Наум, кој во 1875 година, до темел изгорел, а црквата останала негибната од пламенот.

За дебарски архиепископ – Григорие многу видни и значајни научници од светот и кај нас покажаа голем интерес за неговата хиеротонија и дејност, но до сегашното време таа загатка не беше разрешена. Овој значаен портрет, како пандан на најзначајниот бигорски игумен – архиерејот Арсение, насликан е во цел раст, во првата зона на западниот ѕид , блиску до влезната врата.

Деновиве нашиот редовен соработник проф. д-р Наум Целакоски ,проучувајќи ги старите ракописи на Бигорскиот манастир , првпат го откри ликот на овој монах, зашто од укинувањето на Охридската архиепископија (1867) немаме ние никаков архиепископ на овие простори , поконкретно дебарски.

Всушност според мислењето на наведениот автор, најверојатно овој “архиепископ” насликан е од зографот Данил, син Михаилов. Овој  Данил (Димитрија)  се погалуѓерил во Бигорскиот манастир и заедно со татко му ја живописувал импозантната машка трпезарија, во триесеттите години од 19 век. Покрај наведената професија се бави и со препишување на старинските манастирски ракописи. Од тука се дознава дека тој правел прилично самоволија при титулирањето на одредни духовни великодостојнци. Така нпр., јеромонахот Софронија го титулира како архиепископ, исто злогласниот охридски митрополит Мелетија, а потоа и дебарскиот архиереј Антим, во одредени моменти при преписите,  од небрежност, ги титулира како архиепископи. Нашиот соработник смета дека исто така, небрежна грешка е направена и при обнасловувањето на архиепископот Григорие.

Инаку Григорие, од видно семејство, потекнува од Галичник . Учел во Бигорскиот манастир каде што подоцна се замонашил, а потоа според висоите духовни заслуги наименуван е во чинот јеромонах  и архимандрит. Најверојатно во периодот од 1894 – некое време бил игумен. Има големи заслуги за приемот на Арсенија во манастирското братство. Изгледа доста долго живеал и повторно игуменувал во почетокот на 20 век.

Инаку Григорие насликан е во монашка облека со скапоцена патерица во левата рака, а со десната благословува. Опкружене во пркрасен бароктен амбиент на стилизирани згради  и флорални елементи. На левата страна од него, понастрана, стои евангелие со запис (од левата страна):”Спаси го, о Господе твојот народ и благослови ги твоите наследници”, (од десната страна ):”Ова ви го заповедам, за да се сакате еден со друг”.

OhridNews