Сериозни обвинувања изнесе во јавноста огранокот на партијата Левица во Охрид, за наводни незаконски дејствија при лицитацијата за урбана опрема за продажба ба храна, на локацијата бр. 3 во Градскиот пазар.

Имено оваа партија повикувајќи се на учесник во наддавањето именуван како Витан Цветановски, објави дека лицитацијата завршила неколку минути пред предвиденото време, а истата ја добил професор во охридската гимназија, наводнбо близок пријател на заменикот на охридскиот градоначалник, Ристе Николоски, исто така професор во охридската гимназија и актуелен советник во Советот на Општина Охрид. Партијата се сомнева во регуларноста на постапката и поради постигнатата цена за атрактивната локација од 9300 денари месечно, односно 37.000 денари за четири месеци, а истовремено за други локации била постигната цена од над 140.000 ден.

За информациите за наводни нерегуларности и вмешаност на функционер од Локалната самоуправа во лицитацијата за урбана опрема за продажба на храна, изнесени од Левица, OhridNews побара став од Општина Охрид, од каде ги отфрлаат таквите тврдења.

Сакаме да потенцираме дека целата постапка за лицитација е спроведена според сите постоечки позитивни законски регулативи и дека за целата постапка е добиен еден единствен приговор од технички карактер кој е и прифатен, а лицитацијата дополнително ќе продолжи. Дополнително сакаме да информираме лицето посочено како наддавач воопшто не е регистрирано во системот и нема учествувано во лицитацијата. Оттука, најодговорно тврдиме дека посочениот функционер од Локалната самоуправа немаат никаква инволвираност во целокупниот процес на спроведување на електронската лицитација за урбана опрема за продажба на храна. – стои во информацијата доставена до нашата редакција.

OhridNews