Сопствениците на имоти кај охридскиот автокамп „Градиште“ преупредуваат  дека пред почетокот на летната сезона може повторно да излезат на протести и да ја блокираат работата на автокампот, доколку државата во најскоро време не им ги врати парцелите, кои пред многу години им биле национализирани.

Тие се разочарани што нивниот предмет за денационализација и по 12 години, сеуште е заглавен во административни лавиринти иако Министерството за финансии на почетокот на овој месец официјално објави дека процесот за денационализација во Република Македонија е завршен. 

-Во постапката за денационализација бараме враќање на околу  150 илјади квадратни метри земјиште, кое било одземено од 30-ина жители на Пештани во 1957 година, со цел тука да се изградат објекти од јавен интерес. До ден денес целта поради која бил национализиран имотот не е реализирана, по што постои правна основа имотот да ни биде вратен со денационализација, велат од Здружението на наследници на имоти од Пештани.

Тие објаснуваат дека  овие предмети од 2000 година биле заглавени во првостепената општинска комисија за денационализација во Охрид, но бидејќи таа веќе не постои, сега чекаат  одлука на второстепената комисија за денационализација и од Управниот суд.

– И претходно Врховниот и Управниот суд имаа донесено одлуки во наша полза, дадоа инструкции и препораки за решавање за овој проблем, но ништо од тоа до сега не се спроведе. Тоа не е праведно ако се има во предвид фактот дека Македонската Православна Црква во истиот комплекс, уште во 2008 година успеа  да врати 4 парцели со површина од 6.000 квадратни метри, кои биле одземени со истиот акт за одземање, велат членовите на Здружението на наследници.

Бидејќи не пости правна причина имотот да не им биде повратен, сопствениците се сомневаат на корумпираност кај надлежните кои ја воделе или кои сега ја водат постапката.

-Сметаме дека правната постапка ја кочат личните интереси на влијателните бизнисмени, кои моментно стопанисуваат со автокампот. Тие покрај тоа што вршат градежни работи на имотот, остваруваат и огромен профит. А противзаконски е да се стопанисува со имот кој е предмет на денационализација. Токму и за ова ние неколку пати упативме жалби до надлежните и до судот, велат сопствениците од Пештани.

Тие се надеваат државата конечно ќе покаже  слух за решавање на нивниот проблем на мирен начин и дека нема да има потреба од организирање нови протести кои може негативно да влијаат за туризмот во Охрид.

Инаку процесот на денационализација во Република Македонија опфати 30.744 предмети во првостепена постапка, од кој последниот беше решен на крајот на март годинава. Министертвото за финансии соопшти дека околу 3.000 решенија се во жалбена постапка или во постапка пред Управниот суд, па сосема е извесно дека процесот со кој треба да се исправат историските неправди врз стотици илјади македонски граѓани, ќе потрае уште некое време и ќе зависи од ажурноста, со која ќе се решаваат обжалените предмети.

Е.М