Тивко, како капка знаење што упорно, небаре со столетија (а само шеесет години, човечки) длаби камен. Што е силата на капката спрема силата на каменот? Навидум ништо. Но, капка по капка, и каменот на незнаењето е здробен: потребно е само време и трпение. Така работеше, упорно, свесен за својата сила на малото и човечкото, нашиот колега, редовниот професор на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, писателот и човекот Науме Радически.

Замина тивко, во понеделникот, на работен ден, онака како што и живееше: капката просвета и светлина одеднаш престана да капе врз каменот на незнаењето. Замина последниот претставник на таканаречената „историска“ (дијахрониска) школа на знајбите за лепословието, или науката за книжевност. Радически беше последната жива енциклопедија која чекореше по аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје: знаеше на кој датум Рајко Жинзифов се сретнал со некого (и што пиеле), на кој датум и која година Гане Тодоровски имал интервју на тема македонскиот патриотизам и литературата (и што јаделе и пиеле), знаеше, подредено, по часови, денови, месеци и години сѐ што е објавено во нашата книжевност, во јужнословенските книжевности, знаеше точно колку критики (и какви, и од кого) се објавени за поединечни дела. Тој беше меморија на нашата, македонска, но и на јужнословенските книжевности“. Со овие зборови од Радически, кој почина на 5- ти мај, се збогуваа неговите колеги од Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет Блаже Конески- Скопје.

Науме Радически роден е на 18 мај 1953 година во с. Мешеишта, Охридско. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Доктор по филолошки науки и професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на книгите: Постоења и мотиви (поезија, 1975), Критички интерпретации на младата македонска литература (критики и есеи, 1983), Светол тажен вик (поезија, 1984), Контрасти (поезија, 1992), Релации и континуитет (литературни студии, 1996), Метаморфоза (критики, 1999).

Добитник е на наградата на Културно-просветната заедница на Македонија.

OhridNews