Во 89-та година од животот, вчера во Охрид од мозочен удар почина еминентниот научен работник, писател, хроничар и родољуб Стојан Ристески.

Стојан Ристески е роден на 2 ноември 1932 година во село Лешани, охридско. Завршил Учителска школа во Битола (1952), Виша педагошка школа (1957) и Филозофски факултет во Скопје (1960), а во 1975 година докторирал на Филозофскиот факултет во Нови Сад под менторство на проф. д-р Воислав И. Илиќ.

Работел во селата Оровник и Злести, во Учителската школа, во Гимназијата и во Педагошкиот завод во Охрид. Од 1983 година до пензионирањето во 1993 година беше професор по македонски јазик на Универзитетот во Приштина и на Универзитетот во Ниш, а на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид предаваше Културно наследство и Култура на живеење.

Проф. д-р Стојан Ристески (1932 – 2021)

Автор е на 49 книги, меѓу кои: Судени за Македонија, Моите корени, Голготата на Гоцевата внука Катерина, Коста Абраш, Григор Прличев, Партизански одред „Славеј“, Дејан Војвода, Методи Патче, Војводата Аргир Маринче, Прогонувани за идејата, Преспа под Албанија, Табу темата Киселинов – Конески, Создавањето на современиот македонски јазик, Манастирот Сисвети, Две ретки дела од Јоне Кленко, Записи за Миќуновиќ, Чудата на Св. Наум, Легенди и преданија за Св. Наум, Народни преданија и обичаи кај Египќаните, Златните раце на Вангел Деребан, Костурчанки, Прилози за историјата на македонскиот јазик, како и книгите за Оровник, Волино, Велгошти и други.

Стојан Ристески целиот свој живот го посвети на борбата за независна Македонија, поради што во поранешниот систем постојано е на удар на властите. Иако е автор на значајни научни дела и трудови никогаш не бил наградуван од државата или општината, поради што на неговото семејство му оставил аманет да одбие било какво постхумно признание доколку евентуално му биде доделено.

Погребот на Стојан Ристески ќе се изврши на 1 февруари, понеделник, на градските гробишта во Охрид, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капелата од 12 до 12:30 часот.

OhridNews