Нов инцидент во македонското Собрание, овој пат на расправата на Комисијата за европски прашања, каде тензичната атмосфера кулминираше во физичка пресметка помеѓу претседателот на комисијата Арбер Адеми и пратениците на ВМРО ДПМНЕ.

На инцидентот му претходеше мачна двочасовна процедурална расправа, а тензиите ескалираа кога Адеми и покрај забелешките на опозицијата која бараше да се расправа на друга тема. го стави на гласање дневниот ред, на кој беше предлогот на власта за продолжување на работниот век на судиите и обвинителите, заведен под „европско знаменце“.

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ ја опколија говорницата, обидувајќи се да го исклучат микрофонот на претседавачот при што Адеми го удираше по рака пратеникот Антонио Милошоски, а потоа со филџан погоди друг пратеник. Тензиите продолжија а по едно дофрлање на пратеникот Милошоски „Удри бе, удри“ – Адеми фрли шише кон колегите пратеници од опозицијата.

За цело времетраење на инцидентот можеа да се чујат навредливи зборови и закани, а мораше да интервенира обезбедувањето во Собранието.

Ова не е Комисија за европски прашања, ова е Комисија на дивиот запад, особено претседавачот Арбвер Адеми кој ја турна комисијата во една ваква тензична атмисфера и почна насилно да се однесува, да фрла предмети и да упатува вулгарности кон колешки и колеги. – изјави по инцидентот пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Г.М.