Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, денеска премиерно беше прикажан документарниот филм „До инклузивност со соработка“, што се снимаше во инклузивното ОУ. „Св Климент Охридски“. 

Документарецот во продукција на здружението „СИНАТА ПТИЦА“, поддржан од „Фондацијата Отворено општество Македонија“, ги бележи иновативните инклузивни практики на училиштето, со посебен акцент на сензибилизацијата на типичните ученици за потребите и потешкотиите со кои се соочуваат нивните соученици со попреченост. Режијата на филмот е на Ана Глигорова која е и косценарист.

Филмот ја следи интимната приказна на Николина Новакова, ученичка со попреченост во осмо одделение во училиштето, надополнета со искуствата на педагогот Славица Илиќ – еден од инцијаторите и спроведувачите на концептот на сензибилизиација на типичните ученици. 

На проекцијата присуствуваше градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, кој ги претстави заложбите на општина Охрид за подобрување на процесот на инклузија на лицата со пореченост, посебно во училиштата. 

– Ние сме сите во основа различни, и еден од основните животни закони е дека тие различности треба да се стават во едно единство, бидејќи ние заедно сме една целина. На сите што учествувавте во овој проект ви честитам за одлично завршената работа. ОУ „Св. Климент Охридски“ од 1967 година ги згрижува децата со различности и ја прави таа општествена инклузија. Локалната самоуправа отсекогаш ги подджувала ваквите активности и проекти и тоа ќе биде наша заложба и натаму, затоа што наша цел е различностите кои постојат помеѓу луѓето да ги направиме што е можно помалку видливи, а особено помеѓу децата. – рече градоначалникот Стојаноски.

Директорката на училиштето Наташа Танеска истакна дека во ОУ „Св. Климент Охридски“ работат три паралелки со вкупно 14 ученици – деца со посебни потреби, односно со различности.

-Последните години е поголем бројот на ученици со различности. Покрај наставниците со нив работи и дефектолог. Ги вклучуваме со редовната настава затоа што и тие треба да бидат згрижени, сакани, поддржувани и прифатени од сите нас. – рече Танеска.

По проекцијата, ДВД копии од филмот беа поделени на претставници од основните училишта кои негуваат инклузивни практики и други заинтересирани. Копии од филмот ќе бидат доставени и до Минстерството за образование, Бирото за образование, Министерството за труд и социјална политика и амбасадите кои го поддржуваат процесот на инклузија во образованието.

OhridNews