Смртта на 29-годишната родилка од охридската населба Рача, која почина од сепса на скопските клиники откако претходно била породена со царски рез во охридската општа болница по што и се влошила здравствената состојба, ги алармира здравствените  инспектори. Тие од денеска вршат надзор кај матичниот гинеколог,  во одделението за гинекологија при општата болница во Охрид, како и на клиниките за гинекологија и за анестезија и реанимација и нтензивно лекување – КАРИЛ во Скопје, каде родилката била лекувана во периодот од 11 до 21 јуни.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат – ДСЗИ ќе направи вонреден инспекциски надзор во сите четири институции – од матичниот гинеколог, до Градската општа болница во Охрид, Гинекологија и акушерство во Скопје и КАРИЛ. – соопшти ДСЗИ.

Инспекторите ќе ја проверат целокупната здравствена евиденција и применетите протоколи во текот на оперирањето и лекувањето на родилката, која инаку имала ретка болест лупус.

Семејството на родилката е скршено од болка и не сака да го коментира случајот. Тоа ги очекува наодите од извршената обдукција и извештајот кој е во фаза на изготвување. Бебето кое беше згрижено во охридската болница е во добра и стабилна состојба и од денеска е со семејството.

OhridNews