Илјадниците гости кои ги исполнија сместувачките капацитети и плажите на охридското крајбрежје деновиве, охрабрија многу поединци да постават урбана опрема без дозвола и да вршат дејност спротивно на законот. Од Општина Охрид велат дека се свесни за проблемот поради што за време на продолжениот празничен викенд се засилени контролите на терен од страна на инспекциските служби.

Спроведуваме координирана акција. Два тима составени од пазарна, трудова и градежна инспекција придружувани од полиција се на терен. Едните тргнаа од Градиште кон Охрид, другите во обратен правец и вршат контроли за новластено поставување на урбана опрема, почитување на протоколи, дали има непријавени работници и сите други законски прекршувања. Ние едноставно не можеме да се избориме и да воведеме ред толку колку што несовесните граѓани може да поставуваат самоволно и противзаконски. – вели градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Градоначалникот појасни дека согласно законот и Градежната инспекција инспекција има право да изрече казна од 5 до 7 илјади евра за неовластено поставување урбана опрема без одобрение.

Во однос на акцијата за уривање на бесправно изградените објекти на охридското крабрежје, Георгиески истакна дека таа ќе продолжи после 15 август и дека ќе бидат опфатени сите плажи, без исклучок.

Се што е бесправно ќе се урива, порано или подоцна. – дециден е градоначалникот Георгиески.

Г.М.