Во селото Лешани во тек се интензивни активности за санацијата на Културниот дом, со цел во објектот да функционира подрачно училиште во рамки на ОУ „ДЕБРЦА”– Белчишта. Во рамки на објектот ќе има посебно одвоен простор кој ќе биде на располагање за локалното население, каде што ќе може да се дружи, да се организираат разни манифестации, средби и состаноци.

„Овој проект е уште еден доказ дека ветеното го реализираме на дело. Така ќе продолжиме и во иднина, во подобрување на условите за учење на нашите ученици и градење на новите генерации“, изјави Игор Трајкоски, градоначалникот на Дебрца кој изврши увид врз градежните зафати.

Инаку од пожарот што во ноември 2011 година го зафати Културниот дом, целосно беше изгорена кровната и меѓукатна дрвена конструкција, целосно е уништена надворешната и внатрешната столарија, а од објектот беа останати само надворешните и делумно внатрешните ѕидови. Согласно динамиката на изведување на работите, досега е изработена армирано-бетонската конструкција на културниот дом, изработена е нова кровна конструкција покриена со ќерамиди, започната е санација на фасадата на која ќе се постави нова фасадна пвц столарија, а во моментов се изведуваат внатрешните инсталации и внатрешните завршни градежно-занатски работи, со што објектот ќе добие комплетно нов изглед.

Вкупната инвестициона вредност на овој проект е 6.175.807 денари, од кои 3.000.000 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, а остатокот се сопствени буџетски средства.