Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат неизбришлива трага меѓу своите сограѓани. OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика со која се релаксираат, колку наоѓаат време за своите пријатели…

Д- р Никола Филев, познат и признат специјалист педијатар кој неколку децении со голема љубов и внимание им помага и ги лекува најмладите охриѓанчиња, продолжувач на фамилијарната традиција за изработка на надалеку познатиот Охридски бисер, долгогодишен член на Интернационалното здружение Ротари со чија иницијатива и подршка направено е многу за подобрување на условите за работа во Детското одделение при Општата болница во Охрид, открива дека неговиот прв пациент било новороденче, дека омилена земја која ја посетил е Италија и дека највеќе кај луѓето ја цени искреноста.

OhridNews: Денот го започнувате со шолја кафе или чај?

Д-р Н.Филев: Последното кафе го имам испиено во период кога бев војник и после тринаесеттото кафе добив класично кофеинско труење и од тогаш не пијам кафе, па затоа утрото го започнувам во ординација со топол чај.


На работно место

OhridNews: Ваши пациенти се најмладите охриѓанчиња. Колку е тешко или лесно да се работи со оваа категорија пациенти?

Д-р Н. филев: Мојата работа ја сваќам пред се како многу одговорна.На секое дететнце му е потребна љубовта која неизмерно му ја давам, меѓутоа и ја примам од нив.

OhridNews: Дали некој од блиските ќе ја продолжи Вашата приказна на успешен педијатар?

Д-р Н. Филев: Имам две внуки кои покажуваат интерес кон медицината.Се надевам дека некоја од нив ќе продолжи по мојот пат.


Со таткото Михајло и мајката Славјанка

OhridNews: Вашата фамилија е една од двете фамилии во градот- познати по изработката на оригинален Охридски бисер. Кој прв во Вашето семејство започна да го прави бисерот?

Д-р Н.Филев: Мојот татко Михајло Филев прв официјално го започнува правењето на оригиналниот Охридски бисер, за потоа изработката постепено да се усовршува од сите членови на семејството.


Во семејната работилница со синот Михајло

OhridNews: Колку Ви значи тоа што Вашиот син ја наследи семејната традиција на изработка на Охридски бисер?

Д-р Н.Филев: За голема среќа традицијата за изработка на овој убав накит остана во нашето семејство благодарение на големата љубов спрема истиот од мојот син Михајло.Неговото залагање и посветеност на професионален план го издигна производството на високо ниво и се претставува во светот како еден голем бренд на Македонија.

OhridNews: Кои познати личности го носат Вашиот накит?

Д-р Н.Филев: Во изминативе повеќе од осумдесет години овој убав накит го добивале многу еминентни личности како од државните структури, но и бројни уметници и истакнати личности од повеќе професии.Мегутоа, мотото на моето семејство отсекогаш било- да се изработи секој примерок на највисоко ниво.


Со шведскиот крал Густав и сопругата Силвија

OhridNews: Средба со некои од нив која нема да ја заборавите?

Д-р Н.Филев: Во изминатиов период во моето семејство сме имале посети од многу видни личности, но незаборавна за мене и моето семејство е посетата на шведскиот крал Густав и неговата сопруга Силвија кои ни беа гости во нашиот дом. Посебно незаборавно е што тие беа пријатно изненадени дека во нашата земја има семејство кое го изработува бисерот и прави толку убав накит.


Познатата актерка Кетрин Денев во продавницата на Филеви

OhridNews: Неколку години сте дел од охридскиот Ротари клуб. Дали сметате дека го направивте вистинскиот чекор со зачленувањето?

Д-р Н.Филев: Охридскиот клуб Ротари е формиран пред десет години, а Интернационалниот Ротари е формиран 1905 година во Чикаго, со цел да им се помогне на луѓето за подобро да живеат. Членувањето подразбира несебично залагање и вложување во проекти со кои ќе се подобри соживотот во опшеството.Клубот во кој што членувам има многу допринесено во нашиот град со многу проекти кои се реализирани со помош на сите членови од клубот како и многу клубови од Ротари интернешнал.Нашиот клуб е збратимен со повеќе клубови од околните земји и имаме плодна соработка на повеќе нивоа.Ќе наведам само неколку остварени проекти: изградба на детското одделение ( нов апартмански одел) по европски стандарди.Истиот е опремен со најсовремена апаратура за дијагностицирање и лекување на нашите дечиња.Во тек се повеќе проекти со кои се надеваме ќе го подобриме уште повеќе животот на нашите сограѓани.


Донирана опрема за детското одделение

OhridNews: Моменти од животот кои никогаш нема да ги заборавите….

Д-р Н.Филев:Во животот се случуваат многу настани кои оставаат трајни белези во меморијата на секој човек.Јас многу често се сеќавам на моите денови изминати во служење на воениот рок каде ги собирав првите мои искуства како доктор во пракса.Мојот прв пациент кој самостојно го третирав беше доенче и судбината одлучи мојот живот да биде исполнет со детскиот живот.


Канео

OhridNews: Омилено место во Охрид кое секогаш успева да Ви го подобри расположението?

Д-р Н.Филев:Охрид ми е омилен град во кој што доживувам многу убави моменти .Секое место буди спомени од најраното детство, а најмногу му се восхитувам на Канео и околината каде што се доживуваат незаборавните моменти на залезот на сонцето.

OhridNews: Дали сакате да патувате? Која земја Ви оставила посебен впечаток и зошто?

Д-р Н.Филев:Патувањето секогаш ми било предизвик од најраната возраст.Тоа е можност да се запознаат многу личности,култури, историјата на земјата која сте ја посетиле, како и начин на живот,тоа од секогаш ме импресионирало.Италија е земја која многу ја сакам заради архитектурата,културата и кулинарството.


Рим

OhridNews: Дали сте гурман? Колку се снаоѓате во кујната?

Д-р Н.Филев: Да, меѓутоа друг да ја подготвува.За голема среќа во моето семејство, мојата сопруга покрај другите животни квалитети и трпение кон сите нас, е извонреден приготвувач на семејната трпеза за што посебно и благодарам.

OhridNews: Која особина кај луѓето највеќе ја цените?

Д-р Н.Филев: Искреноста,чесноста и посветеноста кон работата.

Т.Кувенџиска