Чешка е најдобрата дестинација за производствени капацитети во Европа, покажа новата студија спроведена од гигантот за недвижнини „Кушман и Вејкфилд“ (Cushman and Wakefield). Земјата редовно беше рангирана меѓу најдобрите дестинации за производителите од 2016 година, кога за прв пат беше вклучена во студијата. Во Топ 20 има пет земји во развој од Југоисточна Европа, две од Балканот, но Македонија не е меѓу нив.

Чешка е единствената европска земја во светските топ пет, и во друштво на земјите со најголемо производство за производство како Кина, САД и Индија, кои ги зазедоа првите три позиции и минатата и оваа година. Канада останува на петтата позиција, како и минатата година.

Чешка веќе подолго време е меѓу земјите погодни за производниот сектор, што се должи на на стратешката позиција на земјата во центарот на Европа, добрата транспортна инфраструктура, добрата локална  деловна клима, економска и политичка средина со ниска стапка на ризик и, исто така, умерена работна сила, енергија и трошоци за развој. – се наведува во студијата.

Помеѓу дваесетте најпогодни дестинации за производствениот сектор се најдоа и држави во развој како Литванија, Полска, Унгарија, Романија и Бугарија.

Што значи ова за развојот на една земја најдобро го илустрира примерот на Чешка, која позитивно влијае и на соседите. Силните странски директни инвестиции во чешкиот производствен сектор овозможуваат развој на модерна инфраструктурна мрежа со силни врски со Германија, која се смета за економски џин на стариот континент. Се до пандемијата, на пазарот на трудот во Катовице (Југозападна Полска), северна Чешка и Словачка имаше речиси нула стапка на невработеност, значителна инфлација на платите и висок промет на вработените.

Чешка е совршена земја за глобалните бизниси кои размислуваат за дестинации за лоцирање на нивните производствени погони, пред се благодарение на поволната комбинација на клучни параметри. Азиските земји со пониски цени ја надминуваат Чешка во однос на економичноста на трошоците (осум од нив се во првите 10), а земјите како САД и Германија функционираат подобро во однос на ризикот. Како и да е, севкупно, Чешката Република дефинитивно нуди оптимални услови за производителите. – покажува економската студија.

Развиената индустрија и атрактивноста за странските инвеститори ја сврстија Чешка помеѓу 25 земји во светот кои имаат потенцијал за брзо опоравување од кризата предизвикана од коронавирусот. Примерот на Чешка најдобро ја отсликува важноста на странските инвестиции и развојот на економските потенцијали и инфраструктурата, што во овој момент не може да се каже за нашата земја.

Иако во кај нас постојат повеќе зони, последните години отсуствуваат големи инвестиции, а инфраструктурата и натаму е проблематична. Еклатантен пример за тоа е Охридскиот регион кој се уште ги чека најавените инвестиции во зоните каде засега има само две фабрики со странски капитал, тие на ODW и Костал.

Што се однесува до инфраструктурата, и по 6 години од почетокот на градежните работи автопатот Охрид – Кечево не е изграден. Како краен датум сега се спомнува 2021 година. Но, оваа делница сама по себе не значи ништо доколку не биде продолжена до Скопје на север и Ќафасан на запад. Поврзувањето пак со автопат со јужниот сосед исто така би требало да биде императив со оглед на значењето на Солунското пристаниште. Оттаму развојот на економијата и индустриските зони и инфраструктурата треба да бидат врвен приоритет кој ќе биде високо на агендата на идната и идните влади.

Г.М.