Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) регион Охрид, викендов, по пшовод Светскиот ден на животната средина, реализира активности за чистење на плажите од хотелот „Мизо“ кона плажата Лабино, на крајбрежјето на Охридското езеро.
Со оваа активност ИПА Охрид се приклучи на еко иницијативата на светската ИПА за чистење на плажите – IPA Beach Clean-Up, како годишен глобален настан што ги обединува членовите на ИПА за заштита на нашите крајбрежја, славење на грижата за животната средина и промовирање на вредностите на меѓународното пријателство преку акција.
Оваа еко иницијатива е исто така во согласност со кампањата на Организацијата на Обединетите нации (ООН) „ACT NOW“, промовирајќи индивидуална акција за климатските промени и одржливоста.
Загадувањето на плажите предизвикано од пластичен отпад, рибарска опрема, смет и други отпадни материјали продолжува да ѝ штети на нашата животна средина. Преку оваа иницијатива, сакаме да ја подигнеме свеста, да им се придружиме на сите кои периодов реализираа вакви еко акции, да ги поттикниме останатите да почнат да делуваат за зголемена еко совест, да ги заштитиме нашите крајбрежни линии и да го зајакнеме духот на пријателство во рамките на нашата заедница – Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), да придонесеме за зголемен степен на чиста околина, чисто езерско крајбрежје. Овој проект е наш начин да придонесеме и преземеме одговорност и да направиме видлива разлика – едно парче ѓубре помалку на плажите, сто лајкови повеќе за чистите охридски плажи, велат од ИПА Охрид.














