Утре во Охрид, ќе биде потпишана Повелбата за збратимување помеѓу ИПА регион Охрид и ИПА регион Нови Сад. Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) регион Охрид, викендов ќе биде домаќин на делегација од Управниот одбор на ИПА регион Нови Сад, предводена од претседателот, м-р Милорад Петковиќ.
Предвидено е, на пригодна свеченост што ќе се одржи утре вечер во хотелот „Нова Ривиера“ во Охрид, помеѓу управните одбори на ИПА Охрид и ИПА Нови Сад, предводени од претседателите Стефан Димоски и Милорад Петковиќ, да се потпише Повелба за збратимување помеѓу двата ИПА региони, информира Стефан Димоски, претседател на ИПА Охрид.
На свеченоста, свое обраќање, покрај претседателите на двата ИПА региони, ќе има претседателот на ИПА Македонија Робертино Ацевски и советникот во Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
Средбата ќе биде добра можност за размена на професионални искуства, размена на идеи и натамошни форми за подигнување на степенот на меѓусебната ИПА полициска соработка. Гостите од ИПА Нови Сад, ќе ги посетат и најзначајните црковни и културно-историски објекти во Охрид, вели Димоски.
ИПА Охрид е дел од националната секција ИПА Македонија а со тоа и дел од најголемата ИПА полициска организација во светот, во која, членуваат полициски службеници од стотина земји.
Целта на ИПА е промовирање и поттикнување на меѓународната професионална полициска соработка и едукација, градење на пријателство помеѓу членовите на полициската служба, развој на туристичките и културните врски меѓу земјите членки на ИПА и други вредности и принципи, усвоени од Обединетите нации ( ОН ) во 1948 година. Интернационалното Есперанто ИПА мото е „Servo per Amikeco” – „Служиме низ пријателство“.
OhridNews












