Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС) по барање на своите членови од 2016 континуирано спроведува активности и состаноци од кои произлегоа предлози преточени во акт за утврдување на основните критериуми за утврдување на цени на сметководствените услуги, велат од институтот по реакцијата на Министерството за финансии на Одлуката на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС), со која значително се зголемува висината на минималните трошоци за вршење книговодствени работи и на надоместокот за сметководствени услуги.
– За донесениот акт, а во врска со критериумите, Министерството за финансии се обрати со допис до институтот на 20.06.2017 со кој укажува кои активности и акти можат да се спроведуваат согласно Законот за вршење сметководствени работи и Статутот на Институтот, а во врска со кој допис Институтот излезе со информација дека постапува согласно дадените насоки и во согласност со Законот и Актите на ИСОС. И покрај тоа во недела на 02 јули 2017 извесна организација Бизнис конфедерација, без да се обрати до Институтот и да се информира за нашите активности, спровел и објавил правна анализа на непостоечка одлука со која се обидува да пласира невистини во јавноста и со кое го нарушува угледот на институтот за што ќе бидат превземени соодветни постапки, потенцираат од ИСОС.
Ја информираат јавноста дека Институтот на сметководители и овластени сметководители и понатаму во интерес на своите членови и општествената заедница во целост, согласно Законот за вршење сметководствени работи, Статутот, Годишната програма за континуирано професионално усовршување на Институтот, ИФАЦ-овиот кодексот за етика на професионалните сметководители и Меѓународниот стандард за едукација, ќе продолжи со активности за донесување и рангирање на сите критериуми кои ќе бидат основ за утврдување на цените на сметководствените услуги, и со тоа конечно да биде вреднуван интелектуалниот труд на сметководителите кои легално вршат сметкводствени услуги.
OhridNews












