На Европското првенство во одбојка, во рамки на групата Ц, репрезентацијата на Македонија во 3-то коло во Љубљана, Словенија, ја совлада Белорусија со 3:1 (23:25, 25:19, 29:27, 25:20). Вечерашната е прва – историска победа за нашата репрезентација во првиот настап на Европските првенства.

Белорусите  го добија првиот сет 25:23, Македонија со 25:19 возврати во вториот, а клучен се покажа третиот кога белорусите не искористија неколку сет топки. Резултатската нишалка ја доби македонската селекција со 29:27, по што со убедлива игра во четвртиот сет (25:20) ги прокнижа првите три бода на шампионатот.

Најефикасен на мечот беше капитенот Никола Ѓорѓиев со 37 поени, Љафтов освои 16, Милев 8, Маџунков 7, Николов 6, а Деспотовски два поена.

Со победата над Белорусија Македоија ги задржува теоретски шансите за пласман во осминафиналето. Колку тоа е достижно ќе покаже натпреварот со домаќинот и фаворит Словенија, што се игра денеска во 17.30 часот.

На табелата во групата Ц води Русија со 12 бода, пред Словенија со 9 и натпревар помалку, Финска 4, Турција 3, Македонија 3 и Белорусија 3.

OhridNews
фото: Одбојкарска федерација на Македонија