Со цел подобрување на наставните планови и програми, односно издигнување на квалитетот  и имплементација на многубројните реформи во образованието, изминативе денови во ОУ „Св. Климент Охридски“ се организира трибина на иницијатива на ова охридско училиште.

На трибината на тема „Ставовите на учениците, наставниците и родителите за квалитетот на наставните програми“, учествуваа 130 испитаници меѓу кои 30 наставници, 50 ученици и 50 родители.

Во нашето училиште направиме една иницијативa, односно отпочнавме со едно интерно истражување, при што дојдовме до некои интересни показатели. Целта беше да направиме една иницијатива, со која Бирото за развој на образованието уште еднаш ќе ги разгледа наставните програми и планови. Со оглед на тоа што во текот на изминативе години имавме  многубројни реформи и промени во образовниот систем, на тој план чувствуваме некое незадоволство како од наставниците,  така и од учениците кои се жалат дека немаат време да ги усвојуват сите содржини вметнати во програмата.“ – изјави директорката на ОУ „Св. Климент Охридски “ Славица Илиќ. 

Таа смета дека во образованието не се направени некои радикални промени, а во однос на наставните програми, изборните предмети, содржините и начинот на реализација, не се добиени очекуваните резултати.

Тоа е секојдневна тема, дали децата навистина учат она што навистина им треба во животот. Дали им нудиме она што им е потребно како граѓани на 21-виот век. Се уште имаме ученици во основно образование кои покрај големиот фонд на часови по математика и други предмети, немаат фундаментални – основни знаења на што ни укажуваат нашите колеги од средното образование. Без оглед на тоа дека имаат одличен успех, тие не се доволно описменети со основните математички операции.  Она што е покарактеристично од нашите показатели е дека самите наставници не се задоволни од програмата. Исто така, родителите најчесто се жалат на преоптовараност со мнобројни информации, за кои прашуваат дали навистина им се потребни на децата.“ – вели Илиќ.

Директорката на ОУ „Св. Климент Охридски“ истакнува дека она што му фали на основното образование како темел на целокупниот едукативен процес на едно општество, е применување на знаењето, а не мемориање на фактите.

Секако дека тоа не значи дека не треба децата да имаат знаење за некои основни работи кои се дел од општата култура. Но не смееме да дозволиме целото образование да ни се претвори во меморирање на факти. Потребен е развој на некои специфични вештини на децата, вербални способности, тимско работење, решавање на проблеми и низа такви ситуации. Децата треба да се носители на едно ново време. “ – истакнува Илиќ.

Меѓу другото, на трибината се дискутирало и за тоа колку учебниците се соодветни на барањата што се дадени во програмата, односно дали целите што се формулираат во наставната програма се минимални или максимални.

Дискутиравме и за тоа колку наставниците и колку стручните соработници се оспособени за реализација на овие програми, бидејќи улогата на наставниците не е само да репордуцираат она што е дадено во учебниците. Учебникот е само еден од можните извори на информации. Дали знаењата што ние ги нудиме во училиштата се само за оценка. Значи воопшто не се води сметка за еден од основните дидактички принципи. Кадрите што доаѓаат дали навистина се остручуваат и дали се тие подготвени за оваа модерна технологија.“ – вели Илиќ.

Таа потенцира дека идеата на трибината не била да се даде само критички однос кон наставната програма, туку потребно е Бирото за развој на образованието да добие оценка од просветните работници за спроведувањето на бројните реформи.

Целта ни беше да помогнеме да не се тапка во место и да се подмрнеме од тој круг.  Разговаравме со професорите од основните и средните учичишта, за тоа колку ние во основното образование вистински подготвуваме квалитетни деца со квалитетно образование. Заеднички констатиравме дека има низа пропусти. Од една страна сите се жалиме дека наставната програма е претешка, додека од друга оценките се многу високи. Логично би било ако нешто е премногу тешко, успехот да е послаб. Заклучокот е дека оценките не се соодветни на знаењето кое го покажуваат учениците. Јас и понатака сметам дека образованието треба да биде темел на општеството.  Во него треба да работат најквалитетните кадри,  кои ќе бидат добро мотивирани и платени и на тој начин ќе се подобрат многу работи во државата.“ – истакнува директорката на ОУ „Св. Климент Охридски“,  Славица Илиќ.

Инаку, на трибината покрај просветните работници од охридските училишта, присуствуваа родители и ученици, како и државниот просветен инспектор од Охрид, Благој Стенкоски.

О.Т.