Конзервацијата на оштетените фрески на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, која најверојтно ќе започне идниот месец, ќе се одвива под раководство на експертите Донатела Зари и Карло Џантомаси од Италија. За проектот за заштита на автентичната архитектурата на овој значаен културен објект во Охрид , ќе се погрижи, Алкис Препис од Грција, кој е долгогодишен архитект во УНЕСКО.


Од Националната установа, Завод и музеј, од Охрид, информираат дека истражувачките работи на архитектурата и на фрескоживописот на храмот, се во завршна фаза и откако истите ќе бидат завршени, ќе може да започне реализацијата на Проектот за конзервација.

– Беше поставен времен наткров на целиот дел од црквата, а моментално се поставува наткров и на куполата. Тоа се направи со цел да се заштитат кровните површини од атмосферски влијанија, за да можат полесно да се исушат. Сметаме дека се постигна добар ефект, значи таму каде што се поставија кровните површини веќе е дојдено до сушење на крововите и немаме повеќе продор на влага. Тоа значи дека на некој начин дојдовме до целта, која мораше да ја постигнеме, пред да започнеме со активностите за конзервација и на архитектурата и на фрескоживописот, вели Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и музеј од Охрид.

Таа објасни дека деновиве  ги очекуваат и резултатите од испитувањата на сеизмичката стабилност на црквата.


-ИЗИС беше вклучен во целокупната постака за испитување на  сеизмичката стабилност, како и во поглед на компактноста на градежните материјали кои се употребени при изградбата на црквата. Од таму треба да добиеме комплетен извештај во каква стабилност е секој дел од објектот, вели Бунташеска.

Таа најави дека во најскоро време ќе започне реставрацијата и на  конакот и на камбанаријата, кои се наоѓаат во дворот на црквата.


Заштитата на „Св. Богородица Перивлепта“, која пропаѓаше со децении, се спроведува со грант од 650 илјади американски долари, кој пред околу три години го одобри Американската амбасада во Република Македонија.

Оваа црква  се смета за врвно дело на византиската архитектура. Ја изградил војсководецот Прогон Згур во 1295 година. Особено е значајна поради уникатните фрески насликани од врвните мајстори Михаил и Евтихиј Астрапа од Солун, кои поради оштетувањата на покривот и фасадата сега се во многу лоша состојба.

Е.М