Македонската фудбалска репрезентација ги заврши подготвките пред утрешниот дуел со домашната селекција на Ерменија. Во отсуство на повредените Пандев и Ибраими сите очи се свртени кон Мирко и Филип Ивановски кои заедно со Тричковски конкурираат за напаѓачкиот тандем.


– Очекувам нова доверба од селекторот Џон Тошак и се надевам дека ќе искористам некоја од шансите кои ќе ги подготват моите колеги од средниот ред. Фудбалот е непредвидлива работа. Може од многу шанси да не искористите ниту една, а може со една да го решите натпреварот. Против Андора постигнав гол по неколку промашувања и сум среќен што ја донесов победата. Имав поубава шанса во 1-та минута а потоа поентирав од потешка позиција. Многу ми е жал што со русите не ги искористивме нашите шанси иако упативме рекорден број на удари кон голот Малафеев. Ерменија игра поразлично од Русија. Играат затворено и чекаат шанса од противнапад. Им треба победа, ќе имаат притисок но и поддршка од публиката. Ние идеме порелаксирано што е полесен начин да се дојде до бод или до победа. Селекторот Тошак сигурно е загрижен за неефикасноста и слабата реализација на шансите, но мислам дека е време да „експлодираме” и да покажеме дека сме добра екипа. Најважно е да бидеме добро сконцентрирани во текот на 90-те минути бидејќи може да има само една шанса која мора да се искористи- изјави пред тренингот, младиот напаѓач и стрелец на голот со Андора, Мирко Ивановски.

Македонија на досега одиграните на сите 5 средби постигна гол против овој противник.

Ohridnews