Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.
– Одбележувајќи го денот посветен на мајката Божја споменуваме за вредностите на скромноста, трпеливоста, човечноста, споделувањето на радоста и тагата и подавањето рака на секому кому му е потребна. Празнувањето на успението на Богородица значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата. Негувајќи ја традицијата, години наназад, го славиме денот на Мајката и заштитничката, молитвеницата и закрилницата на сите христијани следејќи ги начелата кои нè прават човечни и се извор на нашата духовна сила. На овој голем ден ја потврдуваме нашата определба за заеднички напредок, за слога, за почитување и разбирање на сите граѓани на Република Македонија, се наведува во честитката од претседателот Иванов.
Честитка по повод големиот верски празник упати и премиерот Никола Груевски.
– Денес, празнувајќи го овој празник, да се потсетиме на добрината, кроткоста и трпеливоста на Пресвета Богородица, да си споменеме за нејзината љубов и мајчинска грижа, но и да се потсетиме на нашите мајки, на нашите родители, на нашите постари. Како што Христос ја имал блиску при себе својата Мајка, така и ние да ги имаме за блиски нашите родители, се наведува во честитката на Груевски.
OhridNews