Македонија е школски пример како НАТО не треба да се однесува со земја-кандидат. Искуствата од 20 век покажаа дека не може да има стабилна Европа без стабилна Југоисточна Европа и дека не може да има стабилна Југоисточна Европа без стабилна Македонија. А долгорочната стабилност на Република Македонија ќе се цементира со нејзиното членство во клубот на демократски, просперитетни, европски и евроатлантски нации, истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешното предавање пред Атлантскиот клуб на Бугарија.

-Целите и визиите на НАТО вредности и принципи, за жал, паднаа во вода на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008-та. Во случајот со интеграцијата на Република Македонија, НАТО покажа неодлучност, неединство, разногласие и неспособност да донесе стратегиски одлуки. Од тогаш, па наваму, другите центри на моќ во светот го тестираат НАТО преку случајот на Македонија. Во нашиот случај на виделина излегоа повеќето слаби точки на НАТО. Македонија е школски пример како НАТО не треба да се однесува со земја -кандидат. Но, што може да се научи од случајот со евроатлантските интеграции на Македонија? Има неколку лекции, порача претседателот Иванов.

На предавањето кое се одржа во седиштето на Европската комисија во Софија, на кое присуствуваа поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов и претставници на дипломатскиот кор, јави известувачот на МИА, тој подвлече дека со таа одлука НАТО стана заложник на партикуларни интереси на свои земји-членки, наместо на европската и евроатлантската безбедност. 

-Идната година нè очекува Самитот на НАТО во Варшава. Варшавскиот пакт се распушти. Студената војна заврши. Железната завеса падна. А, сепак, во Европа и натаму остана да стои еден неприроден ѕид, а тоа е блокадата на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија. Тој ѕид опстојува поради неодговорното однесување кај нашиот јужен сосед. Елитите кои до неодамна управуваа со Грција како да беа заглавени во времето на Студената војна и несвесни за новата балканска и европска реалност. Кога веќе беше извесно дека со распадот на Југославија, Република Македонија ќе тргне по својот самостоен пат, наместо да нè поддржат, тие го измислија проблемот со името за да нè блокираат. Нè нарекуваа закана за безбедноста и за стабилноста во Европа, иако од самиот почеток со сите наши средства посветено придонесувавме кон истата таа европска безбедност и стабилност, рече Иванов.

Според него, наместо решителност и единство, во Букурешт, НАТО демонстрираше слабост и неединство, а земјите-членки дозволија да бидат заведени од нашиот јужен сосед.

OhridNews

Извор:„МИА“