Претседателот Ѓорѓе Иванов, денеска од Охрид го осуди насилството на протестите што веќе една недела се организираат во повеќе градови низ државата во знак на незадоволство од судската пресуда за обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

-Протести се дозволоени секаде, но насилство никаде не се дозволува и никаде не се толерира и затоа надлежните институции преземаат се’ да спречат насилство. Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Секој што се сомнева во активност и дејствие на било која институција може по регуларен пат тоа да го оспори. Тоа се однесува и за пресудата. Да оставиме на судот, кога ќе дојде предметот во Апелација сите што сметаат дека можат да придонесат со нивно сознание да влијаат и ако сметаат дека нешто не е правно можат по правно регулиран пат тоа да го остварат.-рече Иванов.

Претседателот изјави дека бил во постојан контакт со надлежните институции кои се справуваат со протестите, од кои, како што оцени, некој сака да извлече корист.

-Гледаме деновиве дека едни те исти лица кои сакаат да ловат во матно и да остваруваат дневно политички поени ја користат вознемиреноста кај населението. Им порачувам дека во оваа држава има институции кои функционираат и кои се справуваат со сите предизвици кои постојат.-истакна Иванов.

Претседателот побара од политичарите да се однесуваат одговорно и да придонесат за смирување на тензиите, додавајќи дека не смее да се дозволи граѓаните да ја изгубат довербата во институциите.

Иванов се согласува со забелешките упатени кон Тирана и Приштина во врска со протестите во Македонија, истакнувајќи дека палењето на државното знаме негативно ќе се одрази на угледот на Косово во Светот.

Г. Момироски