Во врска со актуелната политичка состојба во земјава денес со писмена изјава до јавноста се обрати претседателот Ѓорге Иванов, во која ја изразува неговата целосна поддршка за брзо, ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок и во санкционирањето на сторителите на кривични дела.

– Повикувам, политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата. Само на тој начин ќе докажат дека нивните програмски определби се во интерес на демократијата во Република Македонија. Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството. Истите мора да се решаваат по институционален пат, вели претседателот Иванов.

Претседателот потенцира дека улогата на медиумите во демократското општество е да укажат на сето она што ги нарушува демократските процеси и е против интересите на граѓаните и државата, за што тие ја имаат неговата целосна поддршка.

OhridNews