Мојата одлука за аболиција ги изненади сите и предизвика нервоза кај одредени центри на моќ, а гневот се насочи кон мене, но со тоа плановите за предизвикување конфликт беа растурени, со тоа беше превенирано загрозувањето на јавната безбедност, истакна попладнево Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање до јавноста, ден откако Собранието не го усвои предлогот за негов импичмент.

Со 35 гласови „за“ и 47 против, без ниту еден воздржан, пратениците во Собранието во вторникот попладнето по петдневна расправа не го усвоија предлогот од опозицијата за покренување постапка за утврдување на одговорноста на Претседателот Ѓорге Иванов, поради неговата одлука за аболиција на лицата во процесите кои произлегуваат од нелегално прислушуваните телефонски разговори, која подоцна под притисок на јавноста и партиите беше повлечена.

„Сето она што беше кажано од собраниската говорница ќе остане запишано како сведоштво за односот на пратениците кон сопствената држава и кон сопствените институции. Врз основа на тоа сведоштво идните поколенија ќе знаат низ што се минувала демократијата во Македонија и како оваа генерација политичари ја разбирале и практикувале политиката“, рече Иванов.

Тој потсети дека дел од тие сведоштва се помилувањата од претходни претседатели за кои воопшто не беше покренато прашање за нивна одговорност.

Иванов притоа ги спомена и наметнувањето на привременото име за прием во ОН под притисокот на Грција, што сé уште ги кочи евроантлантските интеграции на земјата, како и промената на државното знаме, Уставот и територијалната поделба на државата.

„Никој не одговараше за атентатот на еден претходен претседател и за неразјаснетите околности што доведоа до смртта на друг претседател. Наредните генерации ќе знаат дека во тоа време, на власт биле истите оние кои денес го покренаа прашањето за моја одговорност и кои го оспоруваат мојот легитимитет. Гласањето во Собранието заврши. Неоснованата иницијатива на опозицијата беше отфрлена. Затоа, денеска им се обраќам на граѓаните. Граѓаните кои двапати ми ја дале довербата да бидам претседател на Република Македонија“, порача Иванов.

Шефот на државата повтори дека подолг период предупредувал и за причините и на последиците од кризата во која се наоѓа земјата при што потенцираше дека по вторпат во последните 15 години активна е паралелна агентурна мрежа и безбедносните пропусти во системот за следење на комуникации по вторпат во споменатиот период предизвикаа политичката криза, а првата таква криза, во 2001 година, резултираше со конфликтот меѓу македонските безбедносни сили и ткн Ослободителна армија на Албанците (ОНА).

Осврнувајќи се на договорот од Пржино и формирањето техничка влада со претставници од власта и опозицијата Иванов посочи дека партиите и нивните поддржувачи ги користеле институциите како средство за меѓусебна пресметка, а во недостиг од време за водење квалитетни истраги. Специјалното јавно обвинителство потфрлило

„Постоеше висок ризик од поттикнување насилни акти и предизвикување меѓу-македонски судир. Се активираа криминални мрежи, антивладини активисти и олеснувачи на движењето на мигрантите. Од ден во ден, состојбата се усложнуваше. Договорот од Пржино беше de facto мртов“,додаде претседателот.

Оцени дека во тој период поради нарушениот систем на команда, безбедносните институции биле блокирани и воспоставени паралелни структури.

Поради тоа, постоел, истакна Иванов, висок ризик безбедносните структури да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме како држава. „А закани имаше многу, и однадвор, и од внатре“, потенцираше македонскиот претседател.

Прецизираше дека во тој период на македонската јужна граница илјадници мигранти се обидуваа насилно да ја срушат заштитната ограда, да ја преплават територијата на државата, за да го отворат балканскиот мигрантски коридор кон Европа. Армијата и полицијата, рече Иванов, спречиле повеќе од 15.000 обиди за илегален премин на границата.

Покрај тоа, рече Иванов, на северната граница имаше упад од четириесетчлена вооружена екстремна група.

„Оваа група имаше цел да изврши одмазднички терористички акти за полициската акција од 9-ти мај 2015 година во Куманово. Тогашниот министер за внатрешни работи од опозицијата е добро информиран за она за што зборувам. Тој можел на пратениците од опозицијата да им ги пренесе класифицираните информации за сите закани што ги имавме тие денови. Како членови на собраниските комисии за надзор и контрола тие имаат право да ја знаат вистината“, истакна Иванов.

Избегнат меѓумакедонски судир

Иванов ја повтори претходно веќе соопштената за јавноста информација од безбедносните служби дека двајца од лидерите на политичките партии, без да посочи за кои личности и политички станува збор, добивале закани за атентат.

„Заканите беа потврдени и од партнерските странски безбедносни служби“, нагласи претседателот .

Настаните на јужната и северната граница, заканите од странски терористички борци, мобилизацијата на криминалните структури и антивладините активисти со намера да предизвикуваат насилства и узурпирање на објекти ги зголемиле ризиците за загрозување на безбедноста во земјата, оцени Иванов.

„Во услови на прогласена кризна состојба и на длабока политичка криза, кога имавме распуштено Собрание и техничка Влада со мандат ограничен само за спроведување избори; кога имавме парализирани безбедносни институции со нарушен систем на команда, и постојани и директни закани по националната безбедност, Специјалното јавно обвинителство вршеше селективен прогон кон само една политичка структура“, рече Иванов кој оцени дека таквите активности и ситуацијата воделе неминовно кој предизвикување тензии во општеството со ризик за меѓуграѓански конфликт и насилства. Сé што се случуваше упатуваше на тоа дека се соочуваме со туѓа наметната игра што има за цел дестабилизација на Македонија“, заклучи Иванов изразувајќи очекување одговорот да го даде судската разрешница на предметот „Пуч“, во кој се обвинети неколку поранешни функционери и припадници на службата за државна безбедност, кои се товарат дека нелегално ја користеле инфраструктурата на тајната служба за следење на политичари и други јавно личности, кои му ги предале на челникот на најголемата опозицска партија, кој потоа познати како „бомби“ ги емитуваше во јавноста, а потоа ги предаде во СЈО.

„Сакам граѓаните да знаат дека бевме на чекор од отворен и насилен граѓански судир, најавено од обвинетите во случајот Пуч. Нешто мораше да се преземе за да се спечи најлошото“, нагласи Иванов.

Објасни дека во таквата сложена ситуација, како Претседател на државата на располагање му стојат два уставни и законски инструменти, како што рече, реактивен и превентивен.

„Првата опција беше да дејствувам реактивно. Тоа подразбираше да стојам настрана, и да чекам сé додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата. Но, со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена и отворена за илегална миграција. Тоа ќе беше сигнал за милиони потенцијални мигранти дека Балканскиот коридор е повторно отворен. Тогаш Македонија ќе беше преплавена со мигранти“, додаде.

Втората опција, којашто ја нарече превентива, пак, подразбирала како шеф на државата да наметне нови правила „на наметнатата игра“ со Македонија, односно да ја преземе контролата „врз играта и да обезбедам предност’ за земјата.

Иванов уверува дека потполно бил свесен за ризиците од носењето одлуки, влегол во наметнатата игра и ги употребил оние инструменти со кои располага според должноста.

Поради тоа превентивно ја донел одлуката за помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза. „Помилувањата беа инструмент со кој ги замрзнав сите непријателски намери меѓу спротивставените страни“, рече

Иванов одаде дека таквата ненадејна одлука предизвикала нервоза кај одредени „центри на моќ“.

„Гневот се насочи кон мене. Плановите за предизвикување конфликт беа растурени. Со тоа го превенирав загрозувањето на јавната безбедност. Но, некои погрешно ги толкуваа моите намери. Во изминатите два месец многумина упатија прашање до мене: Што сум мислел кога сум ја донел одлуката за помилувањата? На ова прашање ќе одговорам со контра прашања: Зарем требаше да бидам пасивен набљудувач додека се закануваше отворен судир меѓу двете спротивставени страни? Зарем требаше да чекам да падне крв на улиците, за да ја употребам Армијата како втор инструмент во услови на веќе прогласена кризна состојба? Зарем требаше да дозволам Македонец на Македонец да дигне рака?“, запраша претседателот на државата.

Според Иванов неосновани се обвинувањата дека тој со одлуката за аболиција ја нарушил правната држава.

„Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и ДУИ, бидејќи уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнеме, да седнеме и да се договориме, туку трчаа во амбасадите на странските држави“, рече Иванов.

Тојобвини дека СЈО наместо инструмент за правда се покажало како инструмент за уцена.

„Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството. Јас и јавно прашав по која методологија се одбрани само тие случаи. Одговорот го даде лидерот на опозицијата Заев кој изјави дека Специјалното јавно обвинителство постапува исклучиво по пријави доставени од опозицијата. Значи, наместо специјално обвинителство добивме селективно обвинителство, кое е исклучиво во функција на опозицијата“, додаде Иванов.

Иванов им се обрати и на политичките лидери коишто не го признаваат неговиот избор за шеф на државата. Оцени дека тие иако на ја признаваат институцијата Претседател, должни се да не ја загрозуваат независноста и суверенитетот на земјата „со доведување во состојба на потчинетост и зависност „кон други држави, центри на моќ или недржавни актери“.

На крајот од обраќањето Иванов порача дела тој има одговорност кон граѓаните кои го избрале и му дале легитимитет и оти и во иднина натаму ќе постапува според Уставот и Законите во заштита на државните интереси и националната безбедност.

OhridNews
извор:„Макфакс“