Во изминатите неколку години во повеќе наврати јавно предупредував на опасностите кои се закануваат по стабилноста на Република Македонија и по суверенитетот на граѓаните на Република Македонија. Со длабоко жалење констатирам дека овие мои предупредувања беа игнорирани, а резултатот од тие игнорирања денеска сите го чувствуваме, истакна во обраќањето до јавноста претседателот Ѓорѓе Иванов. Тој рече дека во неговиот кабинет никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување на воена, или вонредна состојба.

Со тоа ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба. Во овој момент, јавно ги повикувам странските претставници, да излезат и да ги посочат тие кои ми вршеле притисок. Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен Врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија. Вистинското прашање е кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби Кабинетот на Претседателот и да креира лажна перцепција за прогласување на воена или вонредна состојба. – рече Иванов.

Тој појасни дека според член 124 од Уставот, каде стои дека воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката, кога Републиката е нападната, или и е објавена војна. Согласно член 125 од Уставот, вонредна состојба настапува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. На 27 април немавме ништо од ова, рече Иванов. Се пожали дека година и пол е постојана мета на лажни вести и лажни конструкции за настаните од 27 април и дека се вршат притисоци и закани кон него.

Деновиве сме сведоци дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април. Прво, сакам да укажам дека за давање лажен исказ пред Суд, кривично се одговара. Второ, ги охрабрувам сите оние кои ме обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник. Овие институции треба да одговорат на прашањата каде биле одговорните лица на 27 април или претходно, и дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба. – истакна Иванов.

Иванов праша дали исказите на обвинетите се порелевантни од тврдењата на надлежните институции и носителите на јавни функции кои, како што рече, отфрлија инволвираност на  кабинетот на претседателот во настаните од 27 април, а Генералштабот на АРМ демантираше било какви сценарија за воена или вонредна состојба.

Во периодот кога деновите пред доставување на официјална покана за членство во НАТО се одбројуваат, кому му одговара, да ја деградира Армијата која го ужива најголемиот углед меѓу вас граѓаните, но и која што единствената институција за која нема забелешка во исполнувањето на критериумите и стандардите на НАТО? – праша Иванов.

Во обраќањето тој истакна дека како претседател на Република Македонија уште пред две години укажал дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија и дека иако тоа било нотирано и во извештајот на Прибе, ништо  е направено да се отстранат тие проблеми.

OhridNews