Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вчера  во Охрид оствари средба со професорите Франк Ванечек и Филип Сусман од Универзитетот Норвич во американската сојузна држава Вермонт.

На средбата, Претседателот Иванов и професорите Сусман и Ванечек разговараа за можностите за отворање на студиски програми на Универзитетот Норвич во Македонија, во области на современата технологија, каде што овој американски универзитет располага со значително искуство. Претседателот Иванов на средбата ја истакна добрата соработка меѓу Република Македонија и властите на американската сојузна држава Вермонт, особено во областа на одбраната и стратегиската соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт.

Претседателот Иванов изрази задоволство од интензивирањето на соработката со Универзитетот Норвич, кој Претседателот го посети во 2009 година, и особено од подготвеноста на Универзитетот Норвич да прими кадети од Воената Академија на Република Македонија и подготвеноста за соработка со македонските образовни институции воопшто, соопшти Кабинетот на македонскиот претседател.

Професорот Сусман беше предавач на минатогодишната Школа за млади лидери под покровителство на Претседателот Иванов.

OhridNews