Од ИВЗ ја обвинуваат Владата дека е селективна и дискриминаторска што се однесува на имотите на верските заедници. Ги наведуваат проблемите, за кои ИВЗ вели, дека ги имала од органите на државната власт.

„Особено сме засегнати со нерешавањето на статусот на верските објекти во село Лажец, Битола; Хусамедин пашината џамија во Штип и реконструкцијата на Али пашината џамија во Охрид за чиј објект постои важечка градежна документација и донација која отежнато се користи поради бирократскиот однос на државните институции. Наспроти ова, МПЦ е фаворизирана и привилигирана во секој поглед“, пишува во писмото кое ИВЗ го испрати до Владата. Исламската верска заедница на Владата и даде рок од 10 дена да најде решение за посочените случаи, а пак, доколку не го испочитуваат, ќе ги известеле надворешните фактори и медиумите.

Според Владата, односот на ИВЗ е неприфатлив, со оглед на тоа дека за споменатите  предмети се води постапка пред надлежните институции, кои не зависат од нив.

„Оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив. Во таа насока ги отфрламе сите обвинувања дека било која верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално. Ние сме секуларна држава, верските права и слободи се остваруваат преку градење меѓусебна доверба, а не преку закани и ултиматуми “, се наведува во одговорот од владата.

Од Владата додаваат дека ИВЗ треба да покрене постапка пред надлежните органи, доколку во нивните случаи не е постапено според законите.

OhridNews