Селекциите на Австрија, Хрватска и Шпанија со два чекори пред Германија, Чешка и Белорусија ќе ја започнат битката за полуфиналниот билет во една од двете групи која се игра во „Градската сала“ во Виена. Темпото ќе биде жестоко, ќе се играат натпревари на секои два дена и само две селекции ќе „преживеат“ и ќе се борат за медал на Европското првенство.

На средбата со медиумите дел од селекторите и ракометарите ги искажаа очекувањата во главната фаза, а зборуваа и за нашата селекција која со два порази и една победа ги заврши со своите обврски на континенталниот собир.

Алекс Душебаев (Шпанија): Посакував дуел со Македонија, но…

Групата беше тешка иако на хартија изгледаше лесна. Австрија е домаќин на ЕП и тоа е голема предност, потоа чешката селекција е во подем, додека Украина се покажа тврд орев. Ја гледав Македонија еден натпревар и мислам дека треба да подобрат неколку сегменти во играта. Кога играш на турнир каков што е ЕП многу е тешко, затоа што одлучува една топка и еден натпревар.

Лино Червар (Хрватска): Австрија не смее да се потцени

Јас комплетно сум насочен кон Австрија. Вие бевте сведоци каква атмосфера подготвија и каква поддршка им пружија на ракометарите. Прво треба да ја победиме Австрија, па минимум уште еден натпревар во групата за да може да размислуваме за нешто големо на ова Европско првенство. Австрија се покажа како опасен противник, репрезентација која не смее да се потцени или отпише. Ние сме фаворити, но пред мечот, а на теренот двете екипи почнуваме со 0-0.

Кристијан Прокоп (Германија): Од нас зависи

Првата рунда беше само загревање. Во Виена започнува она вистинското. Не очекуваат тешки натпревари, но доколку одиграме на нашето ниво тешко е дека некој ќе може да ни парира.

Игор Карачиќ (Хрватска): Верувам во Македонија!

Ги гледав првите два натпревари на Македонија и стварно ми е криво што изгубија од чесите бидејќи добро го започнаа мечот. Направија склоп на младост и искуство, но очигледно не беше доволно за нешто повеќе на ЕП. Македонија ќе мора да го промени системот и да работи повеќе со младите играчи, затоа што мора да се произведат ракометари кои со собирање на искуство ќе го понесат товарот во селекцијата. Верувам дека македонската селекција ќе се избори со овој не успех и повторно во вистинско светло ќе се врати на големите натпревари.

Јанко Божовиќ (Австрија): Очекувам нов ракометен празник во Виена

Натпреварот со Хрватска е многу значаен, но не е пресуден бидејќи ќе следуваат уште два мечеви во главната фаза. Победа ќе не доближи чекор поблиску до голем успех, додека пораз нема да значи ништо затоа што уште ќе имаме шанси за пласман во самиот врв од табелата. Очекувам, нов празник на ракометот во „Штад Хале“. Исто ќе биде како против Македонија кога салата беше „пола пола“. Сите даваме максимум и се трудиме да биде најдобри што можеме. Наш минус е малата клупа што значи слаба ротација, но од друга страна играме во транс и за сега функционираме добро.

Жоан Кањелас (Шпанија): Без притисок и меч по меч

Наша цел е пласман во полуфиналето. Немаме притисок и знаеме дека нема да биде лесно. За да стигнеме до целта треба да играме исто така добро како во првата рунда.

Распоред:

1 рунда (16 јануари):

16ч Шпанија – Чешка

18:15ч Хрваска – Австрија

20:30ч Белорусија – Германија

2 рунда (18 јануари):

16ч Белорусија – Чешка

18:15ч Шпанија – Австрија

20:30ч Хрватска – Германија

3 рунда (20 јануари): 

16ч Хрватска – Чешка

18:15ч Белорусија – Шпанија

20:30ч Австрија – Германија

4 рунда (22 јануари): 

16ч Хрватска- Шпанија

18:15ч Белорусија – Австрија

20:30ч Чешка – Германија

Табела: Австрија 2, Хрватска 2, Шпанија 2, Чешка 0, Германија 0, Белорусија 0

Мх.П.