Овие парламентарни избори покажуваат дека етничката поделеност во земјата се уште е исклучитено силна, но и дека одредени етнички кампуси се многу далеку од европоските идеи и вредности за Граѓанско општество во кое се почитуваат институциите, законите, судовите, се плаќаат даноци, се респектираат сограѓаните без оглед на нивната припадност, боја на кожа, раса, вера, се придонесува за заедницата, а граѓаните и се лојални на државата.

Изборната кампања во одредени политички кампуси и натаму е чисто етнички ориентирана, ретроградна, на моменти заканувачка, дури и уценувачка. Не дека не сме навикнале и дека тоа не е познат колорит, особено во време на избори кога нели „се е дозволено“ за глас повеќе. И во оваа кампања силно одекнуваат етнички пораки, некаде блага, а некаде силна форма на национализам, за сметка на сериозно издржани и остварливи идеи, програми и реформи кои и се неопходни на земјата која претендира наесен да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Особено е интересна стратегијата на партиите во политичкиот блок на етничките Албанци. ДУИ на овие избори игра на картата прв премиер Албанец. Концептот, за жал, не се темели на програма и изградена личност која општеството ја препознава како лидер кој ќе направи разлика и ќе ја поведе земјата напред и ќе ја реформира расчистувајќи попатно со рецидивите од минатото кои како сидра висат од секоја пора на општеството тонејќи ја земјата подлабоко во матните води во кои тие најдобро пливаат. Идејата, како што можевме да чуеме од најекспонираниот политичар на партијата и вицепремиер за евроинтеграции Османи, се темели на математика. Или како што тоа „едноставно“ го објаснува партијата: Без ДУИ нема Влада.

Ваквата политичка математика на ДУИ за коалицијата предводена од СДСМ „Можеме“ е уцена, која, како што истална лидерот Заев на неодамнешното тв соочување со Мицкоски, е неприфатлива.  Тој изрази подготвеност  доколку биде уценет да и отстапи пратеници на ривалската ВМРО ДПМНЕ за таа да состави влада. За разлика од него, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, пак, рече дека ВМРО ДПМНЕ е подготвена да коалицира со секој што ќе ги прифати принципите на неговата партија.

Оваа теза – сегмент од жестока политичка дебата на двајца лути ривали кои едвај се погледнуваа во очи, лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села ја искористи да поентира пред симпатизерите во родната Струга. Тој на собирот во градот на Дрим рече дека доколку Македонците направат Македонска Влада, и Албанците ќе формираат Албанска Влада.

Ова е сериозна промена на политичките ставови на Зиадин Села, во споредба со изминатите изборни циклуси во кои тој експлицитно и во секоја прилика ја повторуваше тезата, која, како што велеше тогаш, е реалност во Македонија која мора да се прифати.

  • Демократијата е израз на мнозинството, а тоа во Струга е албанско и како такво, градоначалник мора да биде Албанец. – изјави на изборите во 2013 Зијадин Села, тогаш кандидат за градоначалник, посочувајќи дека таква е реалноста и во државата и дека не е добро со уцени да се зема власт од заедницата која е мнозинство во една средина.

Се разбира дека оваа изјава се однесува на друго време и друг контекст, но факт е дека отсликува политички гледишта, кои очигледно во меѓувреме се промениле. А дали и што суштински ќе се промени во нашата земја на овие парламентарни избори? Одговорот ќе го добиеме на 15 јули. До тогаш веројатно ќе се изнаслушаме и изнагледаме вакви и слични пораки, таргетирани и осмислени да допрат до ушите на електоратот. Се друго е математика: множење, делење, додавање и одземање, во зависност која операција се однесува на вас.

Г.Момироски