Опозицијата бараше, протестираше, бојкотираше, власта тактизираше, мереше и одлучи, предвремени парламентарни избори ќе има. Прашање е само кога. Премиерот Груевски сметајќи дека  со своето однесување опозициската СДСМ прави штета во државата  го повлече ставот од декември и го повика Бранко Црвенковски да се врати во парламентот заедно да го изгласаат законот за избори и да се распишат предвремени избори.

Црвенковски прифаќа избори но не безусловно. Од СДСМ бараат симнување на блокадата на сметките на телевизијата А1, весниците „Време“, „Шпиц“, „Коха е Ре“, усогласен изборен законик, прочистување на избирачкиот список, а како гест на добра волја се откажуваат од барањето министерот за правда да се тргне од Судскиот совет.

Според проценката на СДСМ, доколку се исполнат овие услови, предвремените парламентарни избори би се одржале во средината на јуни.

За избори е и ДПА на Тачи, ДУИ е во фаза на донесување одлука.  Предвремени избори поддржува и ЛДП која предлага скусување на бројот на пратенички места од 120 на 90, така вистински политичарите ќе придонесат да се намалат огромните трошоци на државниот апарат, порачаа либералдемократите. Идејата за предвремено изборно соочување со одредени забелешки ја прифаќаат и ВМРО НП, НСДП, Обединети за Македонија, како и ДОМ која предупреди на актуелниот неповолен политички момент и вжештените национални страсти во земјата.


Кога, како и кој со кого на избори ќе дознаеме откако партиите ќе ги усогласат своите ставови. Но едно е јасно, кога и да се случат предвремените избори, брзо во април како што може да се чуе во одредени политички кругови или некој месец подоцна, во Македонија веќе завладеа предизборна атмосфера. Од сега натаму секој потег, секој јавно кажан збор, емоција, гест, се’, ама буквално се ќе се гледа низ призмата на изборите.Ќе се мерат и медиумите иако, за жал, власта и опозцијата одамна си ги делат на ваши и наши, демократски и недемократски. Се разбира и бизнисмените, кои очајно се надеваат дека ќе се придвижи слабата македонска економија ќе почнат да размислуваат изборно. Изборите ќе ни влезат во канцелариите, куќните совети, на слави и визити, на спортски натпревари, културни и забавни манифестации. Политичарите ќе излегуваат секаде, да видат и да бидат видени. По нив ќе одат партиските каравани, проследени со изборна еуфорија и скапи рекламни кампањи.

Следи уште една политичка борба за секој гласач, за истите тие обични луѓе кои 20 тешки транзициони години очекуваат дека работите во нашата ни мила држава конечно ќе тргнат напред, дека ќе се намали невработеноста, сиромаштијата, ќе дојдат инвестиции и ќе се отворат економски перспективи, јавната администрација од сервис на партиите ќе стане сервис на граѓаните, дека домаќински ќе се трошат народните пари, земјоделските производи нема да се истураат по улиците, туку ќе се продаваат и извезуваат, дека ќе се поправат дупките по патиштата и руинираните училиштата, ќе се подобри здравството, судството ќе стане независно, а  медиумите  објективни, но и дека ќе престанат етикетирањата и валканите политички пресметки, ќе исчезнат говорот на омраза, етничките, партиските, верските и другите поделби, и дека  конечно ќе почнеме европски да се однесуваме, не заради ЕУ и НАТО, туку заради нас самите.

Бара ли многу овој народ?

Горан Момироски