На вториот ден од изборната кампања за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули, караванот на СДСМ беше во Охрид. Вечерва на плоштадот кај некогашната библиотека се одржа граѓански собир со носителката на пратеничката листа во Изборна Единица 5, Радмила Шекеринска и Лазе Танески, кој е кандидат од Охрид заедно со Жаклина Лазареска.

Охрид е нашето богатство и нашата гордост и верувам дека сите ќе опстоиме да ги вратиме природните убавини согласно критериумите на УНЕСКО. Јас верувам дека Законот и овде ќе важи еднакво за сите без разлика кој е приврзаник на СДСМ, ВМРО или воопшто не го интересираат партии. Затоа што Охрид, драги Охриѓани е ваш нај повеќе, но и наш на струмичани, на скопјани и на кумановци и на тетовци и на цела наша Македонија. – порача Заев

Предизборни активности во Охрид имаше и ВМРО ДПМНЕ, односно кандидатот за пратеник Кирил Пецаков. Тој одржа прес конференција на која се осврна на здравството.
Визијата на ВМРО-ДПМНЕ за здравствениот сектор е создавање на здравствен систем кој ќе биде ефикасен и достапен за секого. Системот во Република Македонија изминативе четири години, не само од здравствен аспект, туку и од сите други области е колабиран. Коронавирусот откри дека состојбата со здравствениот систем во Македонија е поразителна. Приоритети на ВМРО-ДПМНЕ во здравството ќе бидат стратешко позиционирање на здравството како приоритет за грижата за граѓаните, предвидливост и континуитет на работата, како и донесување на Национална здравствена стратегија. – рече Пецаков.

OhridNews












