Имавме фер и коректни избори во Охрид, направивме се што беше од наша страна така и да поминат. Презадоволни сме што во Охрид имаше голем одзив на гласачите кои чесно и достоинствено излегоја и го дадоја својот глас, изјави доцна синоќа претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.


Според шефот на изборниот штаб на СДСМ, Александар Петрески, во текот на изборниот процес во Охрид биле забележани бројни неправилности.



– Цел ден се чувавме како од кучиња. Одеа на сите избирачки места за да прават проблеми. Во изборниот молк делеа летоци со навредлива содржина како би го збуниле гласачкото тело. Се обидоја да направат и бугарски воз, се користеа и погрешни лични карти, во неколку наврати стопиравме снимања со камери, телефони. Се обидовме тоа да го спречиме некаде, но некаде и не успеавме и тоа секако влијае врз резултатот. Не можам да замислам како може сето тоа да го прави една владеачка партија која ги организира изборите, а ние како опозиција да се браниме од сите страни- од агитирања врз вработени во државни институции, забрана за гласање врз наши симпатизери. Морам да споменам и дека гласањето во дијаспората беше целосно нелигитимно, не може со 300 гласови да се добие еден пратеник од цел континент, рече Петрески.


Од општинската изборна комисија потврдија дека текот на гласање во Охрид помина во најдобар ред.

– Сите избирачки места беа навреме затворени, имаше забелешки по кои ќе се постапува согласно законските прописи,  изјави претседателот на ОИК, Ангелина Недеска.

OhridNews