Советот на општина Охрид, на денешната 37-ма, последна седница за оваа година, го изгласа буџетот за 2020 година. Вкупните приходи се во висина од 1.231.170.000 денари, додека приходите само на основниот буџет се проектирани на 673.068.143 денари.

Според градоначалникот Константин Георгиески, станува збор за исклучително развоен буџет, поради големиот процент на учество на капиталните расходи во вкупниот буџет.

  • Буџетот за 2020 година предвидува повеќе средства за уредување на градежно земјиште, односно зголемени се средствата за Изградба и реконструкција на улици и патишта и за изградба на други објекти. Повеќе средства се предвидени и за експропријација, од кои дел ќе се искористат за експропријација на парцелата каде што е предвидена изградба на катна гаража по моделот на ЈПП, изјави градоначалникот Георгиески по усвојувањето на буџетот.

Во делот на  изградба и реконструкција на улици и изградба на други објекти предвидена е реконструкција на улиците „1-ва Македонска Ударна Бригада“, „Охридска Бригада“ и „Марко Цепенков“. Се предвидува реконструкција на улици во населбата „Христо Узунов“, изградба на тротоари и велосипедски патеки на улицата „15–ти Корпус“, изградба на атмосферска канализација на улицата „7-ми Ноември“. Исто така превидена е изградба на нови паркинг места  во општина Охрид , партерно уредување на плоштад „Крушевска Република“, а предвидени се и средства за првата фаза од уредување на речно корито на река „Грашница“ на потег од Булевар „Туристичка“ до улица „Железничка“ и изградба и реконструкција на детски игралишта во општината.

  • Мора да споменеме дека успеавме преку средства одобрени од Владата преку ЕБОР да го финансираме горниот слој од улица „Абас Емин“ којашто беше наша обврска, додека изведбата на нова водоводна, канализациона и атмосферска линија ќе се финансира преку Светска  Банка, а носител ќе биде Министерството за транспорт и врски, рече Георгиески.

Во делот на јавно осветлување предвидени се 9,5 милиони денари за проширување на постојното јавно осветлување со изградба на нови мрежи и сијалични места. Планирани се и 16 милиони денари за капитални инвестиции во основните и средните училишта, како и 3,7 милиони денари за комплетна санација на сите санитарни јазли во основните училишта, издвоени се средства и за замена на азбестни кровови и за промена на подови и столарија.

Во средните училишта капиталните инвестиции ќе се реализираат со блок дотации како резултат на остварените заштеди и зголемени средства. Во делот на образованието издвоени се и 4,5 милиони денари за стипендии за ученици во основно и средно училиште и студенти, по спроведен конкурс.

Од страна на опозицијата беа предложени 14 амандмани со дополнувања на ставки со кои предлагаа кратење на средства од ставките како што се собраќајна сигнализација, набавка на возило и привремени вработувања во општината. Советниците предложија зголемување на средства во ставките за образование, социјална заштита, изградба на водовод и прочистителни станици за вода, асфалтирање на краци од споредни улици, спорт, реновирање на културни и спортски домови.

  • Станува збор за реални и суштински потреби на граѓаните. Амандманите ако не се прифатат е доказ дека оваа Локална самоуправа планира да се развива со превраборување на институциите и е безидејна во работењето, рече координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Од доставените 14 амандмани, советот прифати 2 целосно и еден делумно.

 

OhridNews