Излезе од печат монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан ( 1952 – 2022)“ од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска по повод 70 годишнината од манифестацијата „Прличеви беседи“. Со издавањето на монографијата, идната година во февруари, библиотеката ќе одбележи 70 години од одржувањето на манифестацијата.

Како што велат од Библиотеката, основа за  продолжување со истражувањето била првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година во издаваштво на Градската библиотека „Григор Прличев“, Радио Охрид и книгоиздателството „Мацедониа Прима“.

Ние, како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев, велат од НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Концепциски, оваа монографија е збогатена со сеќавања и беседи за Прличев од домашни и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или не биле доволно разјаснети.

Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев, веалт авторите Јованоски и Змејковска.

Книгата, официјално ќе биде промовирана на јубилејните „Прличеви беседи“ во февруари, 2022 година. Издавањето на книгата финансиски  е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.

 

OhridNews