Бродот „Илинден“ кој денеска беше извлечен од дното на Охридското Езеро, со два други брода попладнево ќе биде донесен во каналот Студенчишта. Екипи на специјализираната хрватска компанија „Дубина“ по извлекувањето со пумпи ја извадија водата од трупот на бродот кој беше оспособен за да може безбедно да биде извлечен на копно.


Извлекувањето на „Илинден“ изведено беспрекорно

– Имаше неколку критични моменти каде не смееше да дојде до подигање на еден дел за сметка на друг за да не дојде до оштетување. Се беше идеално направено и сега цел е бродот да се донесе во каналот каде истражните судии ќе можат да направат увид и да ги утврдат причините за несреќата, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски.  Тој додаде дека доколку биде потрeбно вештачењето ќе се изврши и ноќе, за што МВР поседува соодветна опрема.


Љупчо Тодоровски

Извлекувањето на „Илинден“ го следеа истражниот судија при Основниот суд во Охрид, Весна Кичеец и нејзиниот бугарски колега Ѓорѓи Илиев, кој оцени дека извлекувањето на бродот „Илинден“ е извршено професионално и согласно највисоките стандарди. Илиев истакна дека целокупната истрага за несреќата ја водат македонските надлежни органи и дека тој во Охрид е само во улога на набљудувач на постапката која според него се води многу професионално. Тој уште еднаш искажа благодарност до македонските граѓани кои учествуваа во спасувањето на бугарските туристи и изрази очекување дека истрагата ќе ги открие причините за големата несреќа.


Ѓорѓи Илиев

Акцијата за извлекување на бродот „Илинден“ ја следеа и министерот за транспорт Миле Јанакиески, градоначалникот на Охрид Александар Петрески, како и бројни новинарски екипи и љубопитни граѓани.

Ohridnews