Специјалните јавни обвинителки, Катица Јанева и Фетиме Фетаи во среда беа казнети со по 2.000 евра поради непочитување на судијката Татјана Михајлова, на рочиштето во Кривичниот суд за нарачаните „шлакланици“ за градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и за немирите пред општината, во 2013 година, јавува „Макфакс“.

Обвинителките ја обвинија судијката дека направила фалсификат на записникот од минатото рочиште за судењето за насилните протести пред општина Центар, кога запишала дека новинарите не биле во салата само кога се преслушувале доверливи материјали, на што Фетаи забележа дека новинарите не биле во салата и кога таа го образложувала обвинението. 

Фетаи најави дека за ова против судијката ќе поведат постапка, а дека новинарите ќе ги викнат за сведоци.

За глобата изречена до обвинителките, Фетаи забележа дека тоа се пари од заедничкиот Буџет, по што Михајлова го прекина рочиштето за тоа што немало услови тоа да се одржи, а наложи сите списи од денешното рочиште да се достават до Советот на јавни обвинители, како, според нејзе надлежен за СЈО. Фетаи забележа дека Советот не е надлежен и ѝ порача на судијката да продолжи да го крши законот.

Во случајот за насилство обвинети се 14 лица, од кои пет лица како поттикнувачи, а останатите како директни извршители на насилството. Меѓу обвинетите е и Никола Груевски, поранешен премиер, кој денеска се појави на рочиштето, поранешниот министер Миле Јанакиески и поранешната советничка во Општина Центар, Даниела Рангелова.

„Ова најмалку личи на судење, ова е циркус“, рече Никола Груевски, првообвинет во овој процес.

Судењето е одложено за 10 март.

Овој случај на СЈО произлегува од аудио снимка на разговор меѓу Груевски и Јанакиески пред седницата на Советот на Општина Центар во јуни 2013 година на која требало да бидат поништени неколку детални урбанистички планови, меѓу кои и оној за Мал ринг, каде наводно Груевски нарачува некој да појде и на градоначалникот Андреј Жерновски да му удри две-три шлаканици.

OhridNews
извор: „Макфакс“