Изјавата на градоначалникот дека состојбата во образовните институции била катастрофална беше повеќе од нехумана и некоректна кон сите вклучени фактори во образовниот систем, пред сè, имајќи во предвид  дека и тој, како и неговите деца се составен дел на истиот, изјави денес на одржаната прес конференција во Општинската организација на СДСМ, советничката Оливија- Пирузева- Јанева .

– За критика е фактот што градоначалникот не најде погоден момент, барем пет  минути, учтиво и културно како што доликува на институцијата Градоначалник, да ги повика дотогашните директори на училиштата во општината и да им изрази благодарност за дотогашните залагања, туку ги испрати неговите службеници и инспекторите од ДПИ да вршат притисок за нивно принудно разрешување. Според кои критериуми не им беа продолжени договорите на наставниците, имајќи во предвид  дека се работи за стручни и посветени наставници, кои уредно и со ентузијазам си ја вршеа својата работна задача, рече Пирузева- Јанева.

Како што изјави Јанева, во образованието по доаѓањето на новата локална власт до сега не е ништо направено.

– Насилно, како што доликува само на ДПМНЕ се разрешени директорите на училиштата и на најгруб начин се отстранети од своите работни места 60- тина наставници.Никакви нови зафати за подобрување на условите за работа , никаква припрема на училиштата  во летниот период за претстојната учебна година. Нема вработен во образованието кој не знае какви се зафати  не се преземаа во учлиштата во изминатите години во летниот период, од основни, до капитални инвестиции, за подобрување на условите за работа, додаде Пирузева – Јанева.

Како единствени зафати кои досега се спровеле од општинската СДСМ ги наведуваат молерисувањето на канцалариите на новите ВД директори, сечење на дрвата во дворовите , пуштањето во употреба на спортската сала во ОУ „Живко Чинго“ која, како што велат, после сечењето на лентите до ден денес е затворена за учениците од ова училиште.

Од СДСМ обвинуваат за несоодветни услови за згрижување на децата во новоотворената градинка во ОУ „Живко Чинго“, како и дека новите директори работаат нетранспарентно.

– Преку ноќ без известување на вработените, праќаат свои луѓе на семинари, што кај вработените поттикнува нервоза и недоверба. Сите други задолженија, како секојдневно  испраќање на дневни подготовки по Е-маил, зачестените инспекциски надзори, пополнување на електронскиот дневник кој работи многу  бавно и нема капацитет да ги опслужи сите логирани корисници  во даден момент, само го долеваат маслото на огнот, па нервозата на наставниот кадар се одразува врз наставата, која се одвива со голем притисок  и врз учениците, во сите  училишта, рече Пирузева- Јанева.

Советничката обвини и за неорганизираност на реализираните екскурзии и дека во училиштата се спроведуваат анкети за јавност со кои  се врши манипулација на учениците за политички цели.

OhridNews