Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, попладнево, е на распит во Специјалното јавно обвинителство. Денеска во СЈО испрашан е и Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Јакимовски на распит е како второосомничен меѓу петте осомничени во случајот „Тврдина“, додека пак не се знае за кој случај ќе биде распрашувања Јанкулоска. Јанкулоска е помилувана 13 пати во врска со случаите што ги покрена СЈО.

Јанкулоска во извештаите на јавното обвинителство, се споменува во предметите поврзани со „Злосторничко здружување“, „Неовластено прислушување“, „Злосторство против човечноста“, „Фалсификување исправа“, „Повреда на избирачкото право“, „Повреда на рамноправноста на граѓаните“, како и повеќе предмети за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Повреда на слободата на определување на избирачите“. За предметите „Титаник“ и  „Тврдина“ каде Јанкулоска се појави пред судија на претходна постапка, таа изјави дека не се чувствува виновна. Во обата случаи Судот не ги прифати мерките што ги предлози СЈО.

Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и второосомничен меѓу петте во случајот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, денеска дојде на распит во СЈО. Јакимовски, исто така е еден од 56-те помилувани на листата за колективна аболиција на претседателот Ѓорѓе Иванов што сега е повлечена. „Тврдина“ е третата истрага на СЈО во која има петмина осомничени кои се товарат дека ја искористиле својата службена положба за да ја уништат опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра. Првоосомничен е Горан Грујовски, кој беше началник на Петтата управа на МВР, второосомничен е Јакимовски, третоосомничена е поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, четвртоосомничен е вработен во МВР кој обезбедил логистичка поддршка за спроведување на униништувањето на опремата, а петтосомничената е  технички документарист во МВР.

Јакимовски беше еден од тројцата осомнични во овој случај за кои СЈО бараше мерки на претпазливост и одземање на пасошите, но Кривичнот суд го одби барањето, а Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го потврди решението на судијата на претходна постапка да не им одреди мерки на претпазливост на тројца од осомничените во „Тврдина“. Во овој предмет судот единствено одреди мерка одземање на пасошот на првоосомничениот Горан Грујовски, за кого, пак, беше побаран притвор.

OhridNews
извор Макфакс