– Секој човек има сила да преброди тешки ситуации и низа проблеми, но секој од нас има и слаби страни и најчесто стресот се одразува токму онаму каде што сме најслаби. Јогата не наметнува физички напор, туку со одреден начин на дишење и концентрација овозможува да се запознаеме себеси, преку релаксирање и да стекнеме моќ да сме поотпорни на стресот и адекватно да реагираме на него, а со тоа се создава и психолошки имунитет, вели Ванчо Тасески, претседател на Јога сојузот на Македонија.
Јогата повеќе не е баук за граѓаните, како што тоа било пред неколку години. Таа се повеќе станува култура на живеењето, а за тоа смета Тасески, допринесуваат списанијата, книгите и интернет едукацијата.
– Последните неколку години, се почесто, вежбањето јога се препорачува и од страна на лекарите како дел од лекувањето при одредени заболувања. Во рамки на охридскиот Кардиолошки завод уште од 1991 година постои Јога секција наменета за пациентите на заводот, напоменува Тасески.
По повод деновите посветени на превентива од срцево садовите заболувања, во просториите на општинскиот Црвен крст, се одржа предавање за јогата- како превентива од модерните заболувања од денешното турбулентно темпо на живеење со многу стресни моменти , нередовна исхрана и слаба физичка активност.
Почетните курсеви за јога започнуваат на 7- ми февруари. Ќе се одржуваат во просториите на детската градинка Развигорче, два пати неделно во текот на два и пол месеци, со почеток во 17 часот и 30 минути.
Јога секцијата во Охрид работи од 1990 година.