Долгот на јавното претпријатие Градски гробишта е намален за 60 проценти, информираше директорот Зоран Симоноски.

– При моето доаѓање на раководната функција во претпријатието пред година и три месеци затекнав долг од 10 милиони денари. Долгот успеавме да го намалиме за шеесет проценти, односно исплатени се 6 милиони денари. Со вакво темпо на исплата до крајот на тековната година се надевам дека ќе го измириме целосно долгот на јавното претпријатие. Сите други давачки, плати кон вработените, придонеси и јавни давачки, редовно се сервисираат. – изјави Симоноски.


Зоран Симоноски

Тој истакна дека е извршено внатрешно преструктуирање на претпријатието и зголемен е бројот на општи работници, со што претпријатието навремено може да ги врши бараните услуги.

-Наследивме непродуктивна администрација, а општи комунални работници беа ангажирани со договор на дело. Го зголемивме нивниот број  за да можеме да одговориме на надворешните барања за услуги што ги добиваме од Фондот за комунален развој и локалната самоуправа, која редовно ги сервисира обврските кон нашето јавно претпријатие. -додаде Симоноски.

Тој информираше дека целосно е завршена постапката за избор на фирма која ќе стопанисува со ресторанот на градските гробишта, за што беше распишан јавен оглас. 

Имаше голем интерес за распишаниот оглас за издавање на ресторанот на градските гробишта. Од 5-6 фирми кои што подигнаа материјали, само една фирма учествуваше со комплетна документација и навремено уплати депозит. Се работи за фирмата „Тино јуниор“ од Охрид, која со одлука на УО  го доби закупот на ресторанот. – истакна Симоноски.

OhridNews