Се е подготвено за стартот на јубилејното 30-то издание на „Охрид фест“ на сцената на Долни Сарај. Организаторите ветуваат две фантастични вечери полни со добра музика, а фактот дека влезот слободен, најавува добредојде за сите.

Фестивалот, изминатите три децении допре до над 200 милиони гледачи, во педесетина земји во Европа и низ светот, а во фестивалските анали е запишано дека пејачи од 37 земји во Европа и светот на „Охрид Фест – Охридски трубадури“ имаат изведено околу две илјади музички нумери, велат организаторите.

Во првата, Фолк вечер ќе слушнеме 19 новосоздадени песни, што ќе ги изведат Милован Секуловски, Игор Петковски, Павле Витанов, Јуле Николовска, Мирко Вретоски, Ансанбл Билјана, Ристе Наумовски, Татјана Стефановска, Даце Николовски, Марко Трпчевски, Петар Нечовски, Катерина Танева и група Сарај, Перо Христов, Благица Павловска, Душко Георгиевски, Зуица Лазова, Нино Величковски, и дуетите Татјана Лазаревска – Новица Василевски и Наум Петревски – Лилија Семкова, а во ревијалниот дел ќе настапи Сузана Спасовска.

„Охрид фест“ е еден од најпознатите музички фестивали и надвор од границите и еден од значајните симболи на Охрид кои низ својата историја оставија сериозна трага во нашата музичка индустрија, потенцираат организаторите.

Втората, Интернационална вечер, ќе слушнеме 15 нови поп- песни, а гостите дојдени специјално за оваа прилика се Божидар Волф, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ, Џими Сион, Срѓан Марјановиќ и Бане Видојевиќ, Гоца Тржан и Принц, Васил Гарванлиев, Неда Украден која ќе добие награда за безвременски хит за „Зора је“, и Дадо Топиќ овогодинешниот добитник на наградата за ширење музика на Балканот.

Преносот на фестивалот е преку националниот сервис МТВ, а голем интерес за него го потврдуваат и странските телевизии што го пренесуваат, па така „Охрид фест“ се гледа и во Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора, Словенија, Албанија, Бугарија, односно преку – ТВ Црна Гора, ТВ 3,Би-ем -си мјузик, Би ем си- Етно, Хит ТВ, Нон Стоп ТВ, ТВ 3 , Net.tv Slovenija…

Првата вечер преку директен пренос се емитува на првиот канал на МТВ од 20.15, а во истиот термин, следниот ден, сабота- 2 септември, Интернационалната вечер ќе се емитува на третиот канал на државен сервис а преку сателитскиот канал ќе може да се проследи и во Америка и Канада.

„Охрид- фест“ повикува – да гледате, слушате и уживате!- порачуваат организаторите.

OhridNews