Прашањето на националниот идентитет и јазик не се услови во пристапниот процес и не се предмет на оцена на Извештајот за напредокот од Европската Комисија.

Ваков одговор група млади интелектуалци од Македонија добила од канцеларијата на еврокомесарот за проширување Штефан Фуле, на нивната реакција поради изоставувањето на придавката „македонски“ од извештајот од Европската Комисија за напредокот на Македонија, пренесува „Макфакс“.

Во писмото, потпишано од Леос Јавурек, Советник за меѓународни односи во Европската Комисија се вели дека оваа институција целосно ги почитува релевантните резолуции на Обединетите Нации поврзани со прашањето за спорот со името.

„Комисијата го анализира напредокот направен во клучните реформски области потребни за да се доближи земјата поблиску до ЕУ. Извештајот за напредокот ја преставува нашата заедничка агенда во тој правец, како што членството во ЕУ на вашата земја ќе донесе видливи придобивки за нејзините граѓани и граѓаните на Европската Унија. Комисијата е конзистентна во своето известување и комуникација. Европската Комисија целосно ги почитува релевантните резолуции на ОН во врска со името. Комисијата исто така целосно ги поддржува разговорите во ОН во однос на прашањето за името и ги охрабрува страните да останат целосно посветени со цел да се изнајде решение во спорот со името“, се вели во одговорот од канцеларијата на Фуле, доставен во петокот.

OhridNews
извор:„Макфакс“