Кајчето на академикот Синиша Станковиќ благодарение на кого во 1935 година е формиран Хидробиолошкиот институт во Охрид, стои во тревникот пред научната институција. Упатените велат дека кајчето со кое Станковиќ ги започнал пионерските испитувања на флората и фауната на  Охридското Езеро заслужува подобар третман. Според нив тоа треба да биде своевиден музејски експонат,а професорот Станковиќ треба да добие спомен обележје во Охрид.

За ваквата  идеја сериозно се размислува и во локалната самоуправа. На тоа упатува и изјавата на портпаролот на општината, Никола Маневски, пренесена во денешното издание на српскиот весник „Политика“ кој донесува опширна статија за Синиша Станковиќ и Хидробиолошкиот завод во Охрид.

– Иницијатива не е нова, но сега сосема е извесно дека таа ќе биде реафирмирана, вели Маневски во изјавата за „Политика“.

Весникот во сторијата пренесува дека охриѓани со изградбата на споменикот сакаат да му се оддолжат на  српскиот научник, биолог, лимнолог и пионер во екологијата, кој се смета за еден од најзаслужните што Охрид и неговото езеро денеска се дел од светското природно и културно наследство заштитени од УНЕСКО.

„Во енциклопедиите е запишано дека во дваесетите години од минатиот век Синиша Станковиќ и Охрид ги споил неговиот професор , исто така голем научник и познавач на езерата, академик Живоин Ѓорѓевиќ. Тогаш младиот докторант, Станковиќ, трајно ќе се врзе за Охрид и неговото езеро. По негова заслуга во 1935 година во непосредна близина на Билјанини извори изградена е зградата на Хидробиолошкиот завод, со што Станковиќ ги удри темелите на првата научна институција во Македонија.

На третиот кат е неговата работна соба со плетена гарнитура, стол, фотеља, но и мал аквариум во кој ендемските видови пастрмка и белвица биле покажувани на љубопитните европски научници. Интересно е новото мрестилиште, донација на кралството Норвешка, во кое годишно се одгледуваат и се пуштаат во водите на Охридското Езеро околу 2 милиони пастрмки и белвици, но уште поинтересни се остатоците од лимениот систем за мрестење, кој е изграден по нацртите на Синиша Станковиќ.

Пред ѕидовите на магацинот во кој е сместен „Системот за мрест на Станковиќ“, внимание привлекуваат дваесетина пластични буриња, во кои во формалин се „замрзнати“ капитални примероци на охридска пастрмка и белвица. Професорот Станковиќ уште пред Втората светска војна на наследниците им оставил материјал за проучување на овие ендемски драгоцености на Охридското Езеро“, пишува „Политика“.

Ohridnews
извор: „Политика“