Ако не се качиш на кајче и го прошеташ стариот град до Канео, џабе си бил во Охрид, велат  охридските кајчари, со што ја потенцираат важноста на кајчето во туристичката понуда на градот.  Тие сметаат дека прошетката со кајче е своевидна атракција во Охридското Езеро и затоа треба да прерасне во негов заштитен знак.


– Кајчето за Охрид треба да биде исто што и гондолата за Венеција. Во секоја туристичка понуда за посета на овој италјански град, како посебна туристичка атракција се наведува прошетка со гондола низ градот. На сличен начин во туристичките понуди за Охрид треба да влезе и туристичко разгледување на стариот дел на градот од кајче, сметаат дел од кајчарите, со кои успеавме да поразговараме.

Тие нагласуваат дека за да се понуди кајчето како туристичка атракција во Охрид мора да се подобрат условите во кои егзистира оваа дејност.

– Ние кајчарите сами се грижиме за сите услови што им ги обезбедуваме на туристите при прошетката со нас. Сами ги рекламираме кајчињата и нудиме прошетка по езерото. Интересен е фактот што голем дел од гостите што ќе појдат на прошетка по вода, низ стариот дел на градот, се изненадени од убавината на таа глетка и признаваат дека иако многупати биле во Охрид, не знаеле дека постои можност да ја видат таа слика, раскажуваат кајчарите.

Тие сметаат дека надлежните треба да го помогнат кајчарството како дејност, за истото влезе во туристичка понуда на Охрид.


Кајчето во Охрид  како гондолата во Венеција

– Оваа дејност има потенцијал, но нема развој и затоа не е интересна за помладите охриѓани, кои речиси и воопшто не се интересираат за кајчарстото. Која било дејност што нема подмладок полека ќе изумре. Тоа за жал се случува и со кајчарството. Порано во Охрид имаше повеќе од 40 кајчиња, кои нудеа прошетки по езеро, а сега има само 15-ина, констатираат кајчарите, но напоменуваат дека доколку се подобрат условите, оваа професија би можела да биде примамлива и за младите.

– Потребно е да се утврди една постојана цена на картата за прошетка со кајче по езерото, со што би се избегнало пазарењето со туристите, како да сме на пазар. Тоа изгледа многу глупаво за туристички центар каков што е Охрид. Неединствените цени прават и проблеми со конкуренцијата, затоа што одредени кајчари нудат прошетки за многу малку пари со што дополнително ги деградираат професијата и дејноста,  велат кајчарите.

Тие предлагаат кајчињата да ги земе под закрила институција или приватна компанија со што ќе може да се обезбеди посовремен развој на кајчарството и опстанување на оваа туристичка дејност.


– Уште од многу одамна постои идеја сите кајчиња да бидат унифицирани во иста боја, исто така кајчарите би можеле да бидат облечени во иста облека односно униформа. Во кајчињата при прошетката по езерото би можела да се слуша староградска или македонска изворна музика и да се дели рекламен материјал за Охрид, како и да се продаваат сувенири, кои се карактеристични за Охридско, предлагаат кајчарите.

Тие сметаат дека ова е еднинствениот начин со кој ќе може да се спаси оваа дејност од изумирање и да се понуди уште една интересна содржина во туристичките понуди за посета на Охрид.

Е.М