На претстојните локални избори за првпат ќе се користи уредот за биометриска идентификација на гласачите, со кој гласачите покрај идентификација со лични документи, ќе се идентификуваат и преку отпечаток од прст.

Тоа што гласачите на гласачкото место ќе треба да го направат, својот десен показалец да го стават на читачот на овој уред, по што уредот, доколку гласачот претходно нема гласано и доколку е запишан во изводот од избирачкиот список за тоа избирачко место, ќе ги прикаже податоците од тој гласач на екранот, по што на истиот ќе му биде дозволено да гласа, рече на деншната прес конференција Љупка Гугучевска, портпарол на Државна изборна комисија. 

Ако уредот не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прст на гласачот или отпечатокот е со лош квалитет во тој случај избирачкиот одбор треба да пристапи кон идентификација на гласачот со скенирање на личниот документ, ако не успее и преку скенирање, се внесува матичен број на гласачот. Во тој случај, доколку е се во ред, неговите податоци ќе се појават на екранот и ќе му биде дозволено да гласа.

Ако се појави гласач кој веќе има гласано, уредот при идентификација ќе сигнализира дека веќе лицето е идентификувано и нема да му биде дозволено да гласа. Идентификацијата се одвива доста брзо, така да елиминирани се УВ ламбата и спрејот, со што времето од почетокот на идентификација до чинот на гласање е исто. 

Ова се паметни уреди кои ги памтат сите податоци, така што се она што се случувало на избирачкото место ќе биде евидентирано во уредот. Секој податок ќе може и да се провери.

За потребите на 3480 избирачки одбори планирано е да бидат набавени 4000 терминали. До крајот на неделата во земјата треба да пристигнат сите терминали набавени од германската компанија.

OhridNews