Вчера на плоштадот „Крушевска Република“ непосредно пред градската фонтана и чинарот, медицинските екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид започнаа со превентивни лекарски прегледи наменети за сите категории граѓани.

Целта на прегледите и стручните совети е како да се заштитат граѓаните од топлото време, односно како да ги практикуваат здравите животни навики во текот на летниот период.

„Центарот за јавно здравје во рамките на своите превентивни активности, од денеска до петок започнува да дава превентивни лекарски прегледи и да дели совети на сите оние кои ќе поминат на плоштадот, тука кај чинарот, за тоа како да се однесуваат во услови на топло време. Се мери крвен притисок и се делат соодветни едукативни материјали.“ – изјави Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и броматологија во Центарот за јавно здравје Охрид.

Голем интерес кај повозрасните

Дека интересот за овие активности е голем, говори фактот дека за само половина час, многумина се одлучија да ги искористат бесплатните прегледи во пунктовите на Центарот за јавно здравје Охрид.

„Овие пунктови се константно полни. Има доста заинтересирани, а тоа го гледам како позитивно, бидејќи луѓето доаѓаат да се превенираат и да го исконтролираат својот крвен притисок. Но има и такви, кои се чувствуваат лошо, имаат вртоглавици, па доаѓаат да побараат совет.“ – вели Точков.

Како да се однесуваме при топло време?

Како што предупредуваат од Центарот за јавно здравје Охрид, топлото време влијае негативно на самата здравствена состојба кај луѓето, особено кај повозрасната популација.

„Повозрасните треба да внимааваат повеќе. Треба да облекуваат лесна облека, да не излегуваат преку ден, да користат заштитна шапка, да бидат под сенка, а во овие летни горештини, да не излегуваат во оној временски период од 12 до 17 часот.“ – потенцира Точков.

Препораки за заштита од стомачни заболувања

Цревните заразни заболувања се едни од најшироко распостранетите во светот, кои обично доминираат во летниот период со покачувањето на темературата на воздухот. Ако се знае фактот дека летните инфекции својот зенит го достигнуваат во месеците јули и август, граѓаните треба да ги почитуваат мерките за заштита и превенција од можни несакани стомачни заболувања.

„Пред употреба задолжително миење на земјоделски и градинарски производи(свеж зеленчук и овошје). Термичка подготовка на храната и нејзина конзумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготовената храна да се стави во ладилник на +8 степени Целзиусови, а пред употребата да се загрее на +100. Избегнувајте производи кои термички не се обработени, како на пример мајонез од домашни јајца, а внимателна конзумација на сладолед и разни кремови.“ – стои во едукатвиниот флаер на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје на РМ и Црвениот крст на РМ, подржан од Светската здравствена организација.

Прегледи ќе има и во наредните денови

Акцијата на Центарот за јавно здравје Охрид ќе се одвива до петок, 18-ти јули, како и во текот на следната седмица.

„Акцијата ќе продолжи и наредниот понеделник со екипи на Црвениот крст Охрид. Сакаме во текот на летниот период, да бидеме достапни на сите оние кои што сакаат да го контролираат својот крвен притисок, а треба да чекаат во топлото време. Затоа ние од 18 до 21 часот ќе бидеме на ова место кај чинарот.“ – објаснува Точков.

О.Т.