Обилните врнежи од дожд што го зафатија Охрид минатата недела, предизвикаа мешање на водите од канализацијата, а дел од непречистените води завршија во каналот Студенчишта. 

Од едриличарскиот клуб „Бофор“ предупредуваат дека тука секојдневно истекуваат фекалии од диво приклучени објекти во населбата „Охридати“ и апелираат до надлежните да го решат проблемот кој може да се одрази на здравјето на луѓето.
-Се тече во Езерото, од влошки и кондоми до најразличен друг отпад. Тука има школо за едрење кое го посетуваат деца кои можат да добијат некоја алергија, но не само тие, опасност има по сите луѓе.-вели Осман Шенол од Е.К. „Бофор“.

Обилните врнежи  го преоптоварија и колекторски систем, кој не можеше да ги прими надојдените води. Овој проблем постојано се јавува при поинтензивни врнежи и потребно е најитно да се реагира за да се спречи поголема еколошка катастрофа, предупредува стручната јавност.
-Немањето одвоеност на атмосферската од фекалната канализација е голем проблем што при поголеми дождови го оптоварува колекторскиот систем и претставува опасност и потенцијална бомба за Охридското Езеро при евентуална хаварија.-изјави Дејан Пановски од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Деновиве во Охрид престојува група експерти ангажирани од Агенцијата за меѓународна соработка на Владата на Јапонија, која е заинтересирана да помогне во реконструкција и комплетирање на колекторскиот систем на Охридското Езеро. За таа цел предвидено е да се изработи физибилити студија која треба да ги утврди приоритетите и моделите на финансирање, за што помош ќе биде побарана од меѓународни фондации. Според експертите неопходно е да се изврши ревитализација на веќе изградениот систем, а остатокот од Колекторот да се изгради со примена на современи технологии, кои ќе гарантираат заштита на Охридското Езеро од еколошки инциденти.

Локалната самоуправа во 2010 година ја изгради делницата од колекторот од Метропол до Пештани на кој е приклучена секундарната канализација од oваа туристичка населба, додека се уште не е решен проблемот со отпадните води од Трпејца, Љубаништа и Св. Наум, каде според стручните анализи треба да се изградат самостојни пречистителни станици. Неизградени делници од колекторот има и во струшко, како и во Албанија.
OhridNews