Католичките верници денеска го одбележуваат Раѓањето Христово-Божиќ. Традиционално во Македонија, централната прослава по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше свечена литургија.

Честитка по повод празникот Божик што на 25 декември го слават граѓаните на Македонија со католичка вероисповед упати бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.

– Божик е ден кој нè води на почетоците на христијанството. Тоа е ден кога го празнуваме несфатливиот доказ на Божјата љубов кон човекот, изразена во Неговото појавување меѓу нас во отелотворувањето и раѓањето на второто Божествено лице Исус Христос. Во оваа време кога во многу човечки срца се вгнездиле темнина и неспособност да се живее живот достоен за човекот, ние навестуваме и сведочиме дека Бог спасува. Темнина се спушта над семејните вредности и темнина надвиснува во меѓучовечките односи, се шири цивилизација на смртта во која човекот е се помалку човек. Тој станува бројка и тоа експлицитно, заради користољубие. – се вели во честитката на бискупот Стојанов.

Заедно со католиците, денеска Божиќ го слават протестантите и Англиканската црква, како и некои православни цркви кои го имаат прифатено Грегоријанскиот календар. 

OhridNews