Најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден денеска го слават верниците на Римокатоличката црква.

Во земјава традиционално централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија која ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов.

На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и голем број верници

Тој ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на католичките верници.

Христос Воскреснатиот, како и на учениците така и нам сака да ни го даде својот мир за кој копнее ова страдално човештво, но не мир кој го познава светот, туку мирот на Воскреснатиот, кој е нешто повеќе и подлабоко од само молчење на оружјето. Тоа е мир, кој непријателот го прави брат, немирот го претвора во мир, омразата во љубов, насилството во меѓусебно служење, мир кој поттикнува оружјата да се претворат во плугови (сп. Исаија 2,4)

Но без Христос не можеме да го достигнеме идеалот на тој мир. Затоа ни е потребен денес Христос во секоја пора на нашето глобално општество. Затоа денешниот ранет, егоистичен и рамнодушен човек треба да се сретне со Христос во прекршувањето на лебот и Словото, за да се отворат гробовите и да биде победено сѐ она што носи уништување и смрт на човекот, Божјото создание и целото човечко семејство. – се вели, меѓу другото, во Велигденската порака.

OhridNews