Според Грегоријанскиот календар денеска е Велигден – Воскресение Христово. По тој повод во сите католички храмови во светот се одржа полноќна миса. Велигденска миса се одржа и во католичката црква  „Св. Бенедикт и Св. Кирил и Св.Методиј“ во Охрид.

По повод Велигден празнична честитка до католичките верници во земјава упати Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх, Киро Стојанов:

Велигден е централна прослава на сите Христијани. Го славиме таинството на нашето спасение, го славиме Христовото воскресение, смрт и воскресение. Ова славење е врв на духовната обнова на секој Христијанин. Фактот дека Бог стана човек е најсилната антропологија која спасува. Човекот не е само создаден и напуштен, особено како грешник не е запуштен, туку во пресрет му дојде сам Бог во кој верува. Во времето во кое живееме повеќе од кога било Христијанството е повикано со животот да ја сведочи оваа спасителна вистина. Во време на толку неправди и омаловажувања на човекот како личност воскреснатиот Хртистос на сите вас да ви донесе сила да верувате во Бога и човекот. Во пријателството се состои поврзаноста на едни со други и со Бога за создавање на подобар свет. Нека на сите ви биде мила средбата со воскреснатиот.

Христос воскресе!

OhridNews